„Сега кога прашањето за продолжување на санкциите е на дневен ред, повлеков рачна сопирачка и ги повикав европските лидери да разберат дека вака веќе не оди“, рече премиерот Виктор Орбан во интервју за државното радио Кошут. „Унгарија не може да поднесе толку тежок товар на санкции“.
Изјавите на Орбан дојдоа непосредно пред состанокот на европските претставници во Брисел, каде што тие се обидоа повторно да го одобрат сеопфатниот пакет санкции на ЕУ против Русија, кој вклучува сериозни трговски ограничувања и замрзнување на речиси 200 милијарди евра руски државен имот. Сите земји-членки на ЕУ мора едногласно да ги продолжат овие санкции на секои шест месеци.
Унгарскиот премиер е најнезадоволен од раскинувањето на договорот меѓу Москва и Киев кој овозможуваше евтин проток на руски гас во Европа. Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо предупредуваа дека загубата на овие испораки сериозно ќе влијае на цените на енергијата и безбедноста во снабдувањето на нивните земји. Сепак, Украина категорично одбива да го обнови договорот, додека ЕУ тврди дека Унгарија и Словачка лесно можат да најдат алтернативни извори на гориво.
Оваа промена во реториката на Орбан доаѓа откако тој претходно се залагаше дека ЕУ треба да почека и да види како Доналд Трамп ќе пристапи кон санкциите против Русија пред да донесе сопствена одлука. Сепак, тој аргумент изгуби на сила претходно оваа недела кога Трамп одеднаш му се закани на Путин со дополнителни санкции. Сега Орбан го насочи своето внимание кон Украина.
„Украинците, ги поддржуваат санкциите, а сега си го пикаат и носот каде што не му е место и ги загрозуваат Унгарците, дури и во однос на енергијата, бидејќи не дозволуваат гасот од Русија да помине во Унгарија“, рече Орбан.
Сепак, тројца европски дипломати запознаени со преговорите за санкции велат дека очекуваат Орбан на крајот да дозволи продолжување на санкциите, можеби веќе во понеделник, кога министрите за надворешни работи ќе се сретнат во Брисел. Европските власти имаат рок до следниот петок да постигнат договор.
Еден претставник на ЕУ, кој побара анонимност за да зборува слободно за преговорите зад затворени врати, предвидува дека санкциите ќе бидат продолжени во понеделник и покрај резервите на Орбан изразени на подготвителните состаноци.
„Тој ужива да ја драматизира ситуацијата“, се пошегува пратеникот.
Дневниот ред за понеделникот покажува дека Унгарија сè уште нема донесено конечна одлука. Дипломатите ова го толкуваат како позитивен знак – индикација дека Орбан сè уште не им наложил на своите службеници да стават вето на обновувањето на санкциите.
„Ќе видиме“, рече друг европски дипломат. „Унгарија често се однесува многу трансакциски. Дали ќе бараат нешто поврзано со енергијата? Во моментов нема конкретни барања на маса“. Дипломатот додаде: „Не сме слушнале ништо од тимот на Орбан овде во Брисел откако Трамп беше инаугуриран“.
Односот меѓу Орбан и Трамп будно се следи во Брисел. Од средата, поборниците за построги санкции енергично ја повикуваат Унгарија да попушти, охрабрени од цврстиот став на Трамп кон Путин.
„Се надевам дека унгарската влада ја разбра пораката на претседателот на САД“, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во четвртокот на Светскиот економски форум во Давос, изразувајќи надеж дека ЕУ не само што ќе го одобри продолжувањето на санкциите, туку ќе донесе и нови, дополнителни мерки против Русија.