„Унгарското претседателство го крена знамето на мирот, ја отвори вратата за прекин на огнот и за мировни преговори (за решавање на конфликтот во Украина), покрена дијалог со завојуваните страни и изврши притисок врз европските лидери да ги обноват дипломатијата и комуникацијата. Само во војните во кои страните сакаат да се уништат меѓусебно нема потреба од комуникација“, рече шефот на унгарската влада на конференција во организација на научно-образовниот центар Матија Корвин колегиум и Институтот Сазадвег.
„Но дали ние навистина веруваме дека нашите војници ќе маршираат под знамето на Европската Унија на Црвениот плоштад во Москва? Ако не мислиме така, тогаш мора да ги задржиме дипломатските канали отворени за преговори. Тоа е тоа што ние го направивме, дури и само на национална основа, бидејќи повеќето земји-членки на ЕУ се против мирот“, нагласи Орбан.
Тој предупреди дека „ако избие војна на европскиот континент – сите ќе загубат“. Според него, ЕУ веќе е на губитничката страна поради поддршката за воена акција во Украина и санкциите против Русија.
„Војна не води само Украина, туку и европските економии. Цените рапидно растат, нашите пари се трошат за потребите на украинскиот фронт, санкциите им нанесоа удар на нашите компании, а цените на енергијата ги осакатуваат европските компании што пред војната беа конкурентни“, рече Орбан.
Премиерот смета дека конфликтот во Украина треба да се реши што е можно поскоро и дека тоа било целта на унгарската мировна мисија, која новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сега ќе може да ја продолжи. „Ние цврсто стоевме на тоа и денес со гордост ѝ ја предаваме палката на мирот на новата американска влада. Да се разбереме, ним тоа повеќе им одговара, или подобро кажано, одговара на нивното ниво. Добрите намери, храброста, дипломатската вештина и христијанското чувството за должност (вродено во Унгарија) се вредни, но на крајот на краиштата, мирот бара сила (што ја поседуваат Соединетите Држави)“, рече унгарскиот премиер.