сабота, 27 јули 2024

Орбан: Брисел планира да влезе во војна

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека во Брисел во тек се подготовки на работни групи за тоа како НАТО би можел да учествува во руско-украинската војна. Има некои алармантни сличности меѓу сега и периодот кога се спроведуваа подготовки за Првата и Втората светска војна, изјави Орбан за јавниот сервис Кошут радио.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Она што се случува денес во Брисел и Вашингтон, или во моментов повеќе во Брисел отколку во Вашингтон, создава расположение за евентуален воен конфликт, што би можеле да го опишеме како подготовка за влез на Европа во војна“, рече тој.

Што се однесува до состојбата на Унгарија во тој контекст, Орбан рече дека Унгарија како членка на НАТО има претставници во овие групи, „но не сакаме да учествуваме во конфликтот, ниту со финансиски придонес, ниту со испраќање оружје, дури ниту во рамки на НАТО“.

„Во историјата на НАТО, никогаш навистина немало ситуација кога една земја-членка толку отворено и јасно се придржувала до основните принципи на НАТО како што тоа го прави сега Унгарија“, изјави Орбан за јавното радио, додавајќи дека Унгарија затоа мора „да ја редефинира својата позиција во воениот сојуз“.

Тој додаде дека стравувањата дека Русија ќе нападне членка на НАТО се неосновани, додавајќи дека војната во Украина, која трае веќе три години, ги покажала границите на руските можности. „Руската војска води сериозна и тешка војна со Украинците. Ако Русите беа доволно силни да ги победат Украинците со еден потег, тие веќе ќе го направеа тоа“, рече Орбан во интервју за јавното радио.

Орбан рече дека воените капацитети на НАТО далеку ги надминуваат оние на Украина, па затоа е малку веројатно Русија или која било друга земја да го нападне НАТО. „Не сметам дека е логично Русија, која не може да ја победи ниту Украина, одеднаш да дојде и да го проголта целиот западен свет. Шансите за тоа се исклучително мали“, рече Орбан.

Орбан рече дека го смета споменувањето на руската закана како увертира за подлабока вмешаност на Западот во украинската војна. Унгарија, членка на Европската унија и НАТО, одбива да ѝ обезбеди воена помош на Украина во одбраната од руската инвазија која започна во февруари 2022 година.

Будимпешта исто така сака да се повлече од долгорочниот план на НАТО за помош на Украина, а нејзиниот министер за надворешни работи го нарече „луда мисија“.

Националистот Орбан, кој е на власт од 2010 година, ја изгради својата кампања за изборите за Европскиот парламент следниот месец на избегнување подлабоко заплеткување во конфликтот и пораки дека гласањето може да го одреди текот на војната и мирот во Европа.

„Ние Унгарците веруваме дека овие претстојни избори ќе бидат за војната и мирот, а секако и за миграцијата и заштитата на традиционалните семејства, но прашањето на војната сега е пред сите други важни прашања“, рече Орбан.

Односите меѓу Будимпешта и Вашингтон се затегнати поради одложувањето на Унгарија при ратификувањето на приемот на Шведска во НАТО, како и поради блиските врски на Орбан со Москва и покрај војната во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ