сабота, 27 јули 2024

Орбан: Брисел е „лоша пародија“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја почна денес кампањата за изборите за Европскиот парламент следната година со остри критики на сметка на лидерите на блокот, нарекувајќи го Брисел „лоша современа пародија“ за која кажа дека сè уште може да се поправи.

Објавено на

часот

Сподели

Во Брисел владее голема недоверба кон Орбан по судирот за време на неговите 13 години на власт околу геј правата и мигрантите во Унгарија, како и заострувањето на државната контрола над невладините организации, академиците, судовите и медиумите.

Европската Унија ја сопре исплатата на милијарди евра на Унгарија поради загриженоста за владеењето на правото, што ги искомплицира напорите на Орбан да ја извлече економијата од кризата.

„Историјата понекогаш се повторува. За среќа, она што прво беше трагедија, во друга прилика во најдобар случај е комедија“, им кажа Орбан на поддржувачите во говорот по повод годишнината од неуспешниот унгарски бунт против советската власт во 1956 година.

„Москва беше трагедија. Брисел е само лоша современа пародија“, кажа Орбан во говорот кој го пренесуваше државната телевизија, додека на другите телевизии не им беше дозволен пристап до местото на одржувањето во западниот град Веспрем, пренесува Ројтерс.

Орбан, кој е на власт од 2010 година, е соочен со најголемиот предизвик додека парите од ЕУ се неизвесни, стапката на инфлација највисока во блокот, а високите каматни стапки ја кочат економијата.

Унгарскиот премиер предизвика и критики од САД и ЕУ поради ракувањето со рускиот претседател Владимир Путин за време на самитот во Кина минатата недела.

Неговиот пркосен тон за условите на ЕУ околу владеењето на правото поврзани со ослободувањето на средствата за Унгарија, е во спротивност со релативниот оптимизам кој го изрази неговиот главен преговарач минатата недела, кој кажа дека разговорите за отворените прашања би можеле наскоро да завршат.

„Дури Брисел и да свирка, ние играме по свој вкус. Ако не сакаме, нема да играме“, кажа Орбан, што неговите поддржувачи го поздравија со аплауз.

„Москва беше непоправлива, но Брисел и ЕУ сè уште може да се поправат“, кажа Орбан и додаде дека сегашните лидери на блокот не успеале да ја заштитат безбедноста, слободата и добросостојбата на Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ