Како што соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР), со ревизијата биле опфатени планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавната набавка на машина за бележење на хоризонтална сигнализација во Општина Велес.
„Утврдивме дека при планирањето отсуствуваат сеопфатно програмско планирање за уредување на градежно земјиште и формална документација за темелно истражување и анализа на движењата на пазарот, како постапки кои претходат на планирањето на набавката и служат за определување на проценетата вредност во планот за јавни набавки. Со извршениот увид во спроведувањето на постапката за јавна набавка утврдивме одредени слабости и тоа, одлуката за јавна набавка не соджи образложение за потребата за спроведување на набавката, тендерската документација не содржи информации во врска со задолжителните одредби од договорот за јавна набавка и не е објавено известување за реализиран договор на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН)“, се неведува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите констатирале и дека заемното влијание кое го имаат користењето на електронска аукција и објавувањето на проценетата вредност во огласот за доделување на договорот за јавна набавка, особено во услови кога има еден понудувач, не обезбедува конкурентност меѓу економските оператори и постигнување оптимална набавка во однос на цена и квалитет.
Според извештајот набавената машина врз основа на одлука на Советот на Општина Велес била доделена на трајно користење на Јавното комунално претппријатие (ЈКП) Дервен, за што било утврдено дека не се целосно уредени меѓусебните односи од аспект на начинот на употреба, локациите на кои ќе се врши обележување на хоризонтална сигнализација и динамиката на активностите на машината за бележење, што влијае врз ефикасно и навремено извршување на активностите од страна на јавното претпријатие.
ЈКП во рамките на годишниот план за работа за 2024 година немало планирано активности за обележување на хоризонтална сигнализација, а машината и по 3 месеци од нејзината набавка сѐ уште не била ставена во употреба.
„Во делот на нагласување на прашања од неизвесност истакнуваме дека со набавката на машината за обележување од страна на Општина Велес, наместо од страна на ЈКП, не е искористена дадената можност од Законот за данокот на додадена вредност, за признавање на влезниот ДДВ во износ од 396 илјади денари како одбитна ставка, во услови кога ЈКП би бил регистриран за вршење на дејноста, со што би се овозможило порационално користење на буџетските средства“, велат од ДЗР.
Со извршениот увид во програмите ревизорите утврдиле дека за реализација на активноста за одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација за 2023 и 2024 година биле планирани финансиски средства, но во програмите никаде не пишува кои улици ќе бидат бележани со соодветната сигнализација.
„Ваквата состојба не е во согласност со член 8, 9 и 10 од правилникот, согласно кој е потребно донесување на план за одржување на јавни патишта со детален опис на секое одржување, локацијата, видот на работите, финансиските средства и роковите за нивно извршување. Врз основа на спроведените интервјуа и разговори при вршење на ревизијата, беше укажано дека базата од која се црпат податоци за улици кои подлежат на бележење претставува основниот сообраќаен проект од 2018 година. Со ревизијата исто така утврдивме дека во извештајот за реализација на наведените состојби не овозможуваат реално да се утврди висината на финансиските средства според потребите за одржување на улиците, го отежнува следењето на реализацијата на активностите и создава ризик од субјективизам при изборот на улиците кои ќе се обележуваат. Истовремено, оваа состојба не обезбедува уверување за начинот врз основа на кој е извршена проценка на вредноста на набавките за изведување на работите во претходниот период, како начинот врз основа на кој е определена проценетата вредност и исплатливоста за набавка на сопствена машина за обележување на хоризонтална сигнализација“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Со извршениот увид во начинот на кој е спроведена постапката ДЗР утврдил дека во одлуката за јавна набавка не е дадено образложение за потребата за спроведување на набавката што не е во согласност со член 77 од Законот за јавните набавки. ДЗР уште утврдил дека набавната вредност на машината која ја платила Општина Велес со вклучен ДДВ е приближно 40 отсто повисока од увозната, набавна цена со вклучени увозни давачки.
„Недостатокот на истражување на пазарот во процесот на планирање на набавката, користењето на тендерски документации од други договорни органи без подетални анализи, како и отсуството на конкуренција меѓу економските оператори во процесот на доделување на договорот за јавна набавка влијаеле постигнатата цена за набавената машина за бележење во Општина Велес да е повисока поради што не се уверивме во ефикасното искористување на средствата за набавката“, велат од ДЗР.
Од извршениот увид во планот за работа на ЈКП Дервен за 2024 година пак, ревизорите констатиравле дека во истиот нема планирани активности со утврдена локација, динамика, обем и ангажман за обележување на хоризонтална сигнализација на улиците по доделување на трајно користење на машината од страна на Општина Велес.
„Ваквата состојба не е во согласност со член 5 и член 7 од Законот за комуналните дејности каде што е уредено истите да се вршат врз основа на развојни планови и годишни програми. На ваков начин не е обезбедена рамка за планирање, спроведување и известување за работите. Ревизијата смета за потребно да истакне дека машината за бележење на хоризонтална сигнализација се уште не е ставена во употреба. Со оглед на тоа дека се отпочнати активности за да може да се употребува машината, ревизијата ја нагласува потребата од поголема меѓусебна координација меѓу општината и ЈКП со цел создавање на услови за непречено извршување на активности кои се од локално значење за развој на општината“, пишува во извештајот на ДЗР.
За надминување на констатираните состојби Државниот завод за ревизија дал препораки за преземање на мерки и активности во делот на планирање, спроведување, реализација на набавките во Општина Велес, како и за планирање на активности за употреба на машината за бележење на хоризонтална сигнализација, со цел подобрување на состојбите во областа на јавните набавки, како и создавање на услови за безбедно користење на општинските патишта.