четврток, 6 март 2025

Општина Кисела Вода воведува еднократна финансиска помош за пензионерите

Општина Кисела Вода продолжува со своите напори за подобрување на животниот стандард на повозрасните жители, воведувајќи нова мерка, еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери.

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа иницијатива, финансиска помош во износ од 2.500 денари ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, се жители на општина Кисела Вода и имаат месечни примања под 22.640 денари според јануарскиот пензиски чек за 2025 година. Дополнително, општината ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства. Средствата за оваа намена изнесуваат 7.000.000 денари и помошта ќе се доделува сè до нивно исцрпување.

„Со воведувањето на оваа финансиска поддршка, Општина Кисела Вода директно помага онаму каде што е најпотребно. Нашите највозрасни жители заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието. Оваа мерка е уште еден чекор во континуираната грижа за пензионерите, со која даваме конкретна финансиска помош, но и јасна порака дека тие не се заборавени,“ изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека оваа иницијатива е дел од пошироката поддршка што Општина Кисела Вода ја обезбедува за своите највозрасни жители.

„Во изминатиот период воведовме бесплатен транспорт за пензионерите до здравствени и административни институции, проектот ‘Итно копче’ кој овозможува брза реакција во итни ситуации, како и програмата за грижа и нега на повозрасните лица. Сите овие мерки се резултат на нашата посветеност да создадеме општина во која секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Ова не е еднократна акција, туку дел од долгорочна стратегија за подобрување на условите за нашите сограѓани,“ додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.

Јавниот повик ќе биде објавен утре (06.03.2025) во весникот „Слободен печат“, како и на официјалната веб-страница на општината, каде што граѓаните ќе можат да ги најдат критериумите и сите дополнителни информации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ