сабота, 27 јули 2024

Oпштина Центар сепак реши да не го издава дворот на училиштето „Киро Глигоров“

Објавено на

часот

Сподели

Фудбалското игралиште во училишниот двор ќе остане во постојната состојба и нема да се дава под закуп, соопштија од општината.

„Иако постапката за отстапување на фудбалското игралиште од страна на училиштето е целосно законска и преземени се сите неопходни чекори за склучување на договорот, игралиштето нема да се дава под закуп. Мојата идеја е да помогнеме и да најдеме решение за состојбите со зголемените режиски трошоци, но сепак примарен интерес е да овозможиме среќно детство и непречено користење на игралиштето на децата кои посетуваат настава во најубавото училиште во државата“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Родителите на учениците од ова училиште беа незадоволни од одлуката за изнајмување на теренот затоа што на просторот било планирано да никне и кафуле со што децата нема да имаа каде да играат со оглед дека се градат само згради, а никаде нема паркови и игралишта.
Оваа одлука на општината ја посдравија и советниците од Шанса за Центар:
„Граѓаните обединети извојуваа победа. Игралиштето на ООУ „Киро Глигоров” останува јавен простор достапен на сите. На состанокот со родителите во општината, нашиот претставник во Училишен одбор го искажа ставот на Шанса за Центар кој е против договорите со кои се узурпира јавен простор и се овозможува да се користи за пари и профит во приватни цели.
Иако е законски дозволено сметаме дека е спротивно од јавниот интерес кој подразбира да има места за рекреација кои може да ги користат сите локални жители без да плаќаат надоместок. Се надеваме дека слични победи ќе има и во другите училишта.
И понатаму ќе се залагаме за транспарентност во објавување на одлуките на Училишен одбор како и договорите за изнајмувања, а со цел да нема простор за сомнежи за било кое располагање со јавен општински имот“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ