сабота, 21 декември 2024
Извештај на Државниот завод за ревизија

Општина Арачиново не бара плаќање на дел од даноците и има нереални финансиски извештаи

Објавено на

часот

Сподели

Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Општина Арачиново за 2021 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија за 2017 година и издаден е Конечен извештај за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630), при што овластениот државен ревизор се воздржа од давање мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, додека за усогласеност со закони и прописи изразено е неповолно мислење“, се наведува во извештајот од ревизијата.

Државниот завод за ревизија утврди дека од дадените шест препораки со извештајот за 2017 година, пет не се спроведени, а една е во тек на спроведување.

Ревизорите анализирајќи го работењето во 2021 година констатира слабости при спроведување на процесот на буџетирање, реализација на планираните приходи и расходи од 77 проценти и недонесен ребаланс на буџетот; не е воспоставена единица за внатрешна ревизија ниту меѓу општинска соработка со друга општина во делот на внатрешната ревизија; општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност.

Како што стои во извештајот, општината не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење на музика во јавните локали, комунална такса за истакнување на реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште; не е воспоставена аналитичка евиденција на побарувањата за физички и правни лица со соодветна поткрепувачка документација, не е утврден основот за нивно постоење и можноста за нивна наплата.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата дала препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Во делот останати прашања ревизијата ги истакнува системските слабости во законската регулатива и потребата од нивно надминување со цел комплетност и точност на остварените приходи кај општините, а кои се однесуваат и тоа: не е пропишано во кои рокови правните лица овластени за регистрација на
возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината; не е пропишана обврска на трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија кое врши наплата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броила да ги известува општините за бројот на обврзници по категории (број на броила) согласно тарифниот број, како и за наплатените приходи и ненаплатени побарувања по овој основ; општината нема информации за висината на средствата што треба да се уплатат во буџетот на општината по основ приходи од закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата утврдено со Законот за земјоделско земјиште; општината располага со податоци за склучените договорите за концесија за експлоатација на минералните суровини и врши увид на уплатените средства од концесиските надоместоци, но нема можност да ја потврди нивната целосност и точност.

Во соопштението од ДЗР се наведува дека не се добиени забелешки на Нацрт Извештајот на овластениот државен ревизор број 16-133/1 од 25.01.2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ