петок, 18 октомври 2024

Опозицијата бара од Џорџа Мелони да ги забрани неофашистичките групи (ВИДЕО)

Лидери на италијанската опозиција ја повикаа десничарската влада на Џорџа Мелони да ги забрани неофашистичките групи откако се појави видео снимка на која стотици мажи го користат фашистичкиот поздрав за време на собир во Рим.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Толпата се собрала пред поранешното седиште на Италијанското социјалистичко движење (МСИ), неофашистичка партија основана по Втората светска војна, која прерасна во партијата Браќа на Италија на Џорџа Мелони, пишува Гардијан.

Годишниот собир, одржан во неделата, ја одбележа 46-годишнината од убиството на тројца милитанти од младинското крило на сега веќе згаснатата партија.

Лидерката на Демократската партија на левиот центар Ели Шлајн на социјалните мрежи напиша дека Рим во 2024 година изгледа како во 1924 година.

„Тоа што се случи е неприфатливо. Неофашистичките групи мора да бидат распуштени, како што е пропишано со уставот“, напиша таа.

Лидерот на центристичката партија „Акција“ Карло Календа оцени дека тоа е „неприфатлив срам“ во европската демократија, додека движењето „Пет ѕвезди“ најави дека ќе поднесе тужба.

Фашистичкиот режим на Бенито Мусолини ја презеде власта по „маршот на Рим“ во октомври 1922 година, а во април 1924 година обезбеди убедлива победа на општите избори пред да го згасне италијанскиот повеќепартиски систем.

Реорганизација на фашистичката партија на Мусолини беше забранета со повоениот италијански устав, кој исто така забрануваше изразување на фашистичка идеологија и пропаганда.

Сепак, неофашистичките групи како што е МСИ, основана од Џорџо Алмирате, министер во владата на Мусолини, успеаја да ја заобиколат забраната користејќи поинакво име и тврдејќи дека се нова политичка сила.

Политичкиот наследник на МСИ, Браќа на Италија е основан во октомври 2022 година.

За време на својата предизборна кампања, Мелони се обиде да ја оддалечи својата партија од нејзиното неофашистичко потекло, велејќи дека пред неколку децении го предала „фашизмот во историјата“.

Во понеделникот, Фабио Рампели од Браќа на Италија и заменик-претседател на Долниот дом изјави дека партијата е „светлосни години оддалечена“ од неофашистичкиот приказ и дека иако партијата не се откажала од „сеќавањето на трите момчиња варварски убиени пред 46 години“, „не учествува во таков вид демонстрации“.

Локалните и регионалните власти во Италија дозволуваат годишно одбележување на убиствата во Ака Ларенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ