Идејата за ваква стратегија тој ја соопшти на прес-конференција, со став дека наместо вистински национални, во изминатите шест месеци имало политички поделби. Според него, СДСМ „нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија“.
„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување“ изјави Филипче на прес-конференција по повод шест месеци работа на Владата.
Тој предложи да се формираат тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на платформата и заедно да ги дефинираат стратешките позиции во сите области.
„Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова е планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада, ниту сега, ниту во иднина нема да ги кочи и опструира“, истакна Филипче, според кого, тоа е „реален патриотизам“ и пристап со кој „може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата“.