сабота, 27 јули 2024

Опозицијата победи на изборите во Јужна Кореја

Либералните опозициски партии во Јужна Кореја извојуваа убедлива победа на вчерашните парламентарни избори, нанесувајќи му силен удар на претседателот на државата Јун Сук Јеол и неговата конзервативна партија, но сепак не освоија двотретинско мнозинство во парламентот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според привремените резултати на Националната изборна комисија, Демократската партија освои 170 од вкупно 300 мандати во новиот состав на парламентот. Исто така, се очекува Либералната партија, која важи за сојузник на Демократската партија, да освои најмалку 10 мандати.

„Гласачите ме избраа мене, со што покажаа палци надолу за администрацијата на претседателот Јун Сук Јеол. Демократската партија ќе ја преземе одговорноста за животниот стандард на граѓаните и ќе создаде подобро општество“, рече лидерот на Демократската партија Ли Џе Мјунг.

Некои аналитичари го гледаа изборниот натпревар како референдум за претседателот Јун, чија популарност опадна по порастот на животните трошоци и низата политички скандали. Во центарот на еден од нив беше неговата сопруга која на подарок прифатила скапа чанта од Диор.

Покрај споменатата афера, бројни опозициски кандидати во кампањата го истакнаа лошото менаџирање на економијата на претседателот. Првата дама Ким Кион Хи не е видена во јавноста од 15 декември и не го придружуваше претседателот за време на гласањето на избирачкото место.

Неговата Народна партија на изборите освои 100 мандати, што е доволно за да ги спречи победниците на изборите да формираат двотретинско мнозинство во парламентот, што ќе им овозможи да го отфрлат ветото на претседателот на законите и да усвојат измени на Уставот.

Националната изборна комисија денеска треба да ги соопшти официјалните резултати. На изборите излегоа 67 отсто од гласачите, односно 29,7 милиони луѓе, што е највисока забележана излезност кога се во прашање парламентарните избори, додека малку поголема излезност беше забележана на претседателските избори во 2022 година, на кои тесно победи Јун Сук Јеол.

Иако претседателот на државата не се натпреваруваше на изборите, поради лошиот резултат на неговата партија, неговите шанси да ги протурка своите законски предлози низ парламентот значително се намалени. Во последниве месеци, тој вети дека ќе ги намали даноците, ќе ги поедностави деловните операции за компаниите и ќе донесе пакети помош за семејствата во општеството кое најбрзо старее во светот.

Мејсон Ричи, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ханкук, очекува дека претседателот Јун сега може повеќе да се фокусира на својата надворешнополитичка агенда, иако тие планови исто така би можеле да бидат загрозени доколку новото парламентарно мнозинство се обиде да ги намали буџетите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ