„Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но, наместо решение, направија сѐ што можат, да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада, што поништи колективен договор. И да ја поправам вчерашната изјава на Владата, бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка и најмалку 20 протести, од кои на протестот во месец декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството, излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот“, истакна Деаноски.
Тој додаде дека нивните барања биле исти со години наназад.
„Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија, со истите барања како и денес, потпишување на колективен договор и зголемување на платите на вработените“, рече Деаноски во изјава за медиумите.
Тој потсети дека барањата остануваат исти и апелираат до Владата и ресорните министерства, што побрзо да започнат преговори и да најдат заедничко прифатливо решение за овој проблем.
На вчерашниот протест пред Министерството за животна средина и просторно планирање, Деаноски рече дека протестите ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот. За во петок од 11 до 12 часот, тој најави протест пред Министерството за финансии.
И покрај негирањето на политичката заднина на протестите, од страна на УПОЗ, од Владата и денес реагираат со соопштение дека начинот на изразување незадоволство на административците за платите е „малициозен и политички мотивиран“.
„Протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани. Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог. Секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира, сè со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните“, се наведува во денешното соопштение од Владата.
Во истото соопштение се потсестува дека во изминатата година и покрај катастрофална наследена состојба од претходната влада, заедно со синдикатите е постигнат договор за покачување на вработените во здравството и образованието, како и на пензиите на над 300.000 пензионери, линеарно. Потсетуваат и дека со ребалансот на буџетот оваа влада предвиде и исплати К-15 за 84.000 вработени во вредност од 1 милијарда денари.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите.
Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност.
Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор сè со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните“, порачуваат од Владата.