сабота, 19 октомври 2024
Амандманска расправа за Буџетот

Опозицијата бара пари за спортски сали, власта вели тие не се вклучени во програмата на МОН

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. На почетокот од седницата беше повлечен амандман поднесен од пратениците Јованка Тренчевска, Сања Лукаревска и Оливер Спасовски, а беше одбиен и амандманот на Европскиот фронт со кој се бараа 60 милиони денари за изградба на спортска сала во основното училиште во село Боговиње. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на колегите од СДСМ им порача дека несериозно е да поднесуваат амандамни, а да не доаѓаат да ги образложат.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Како што објасни Арбана Пашоли од ДУИ, во школото во Боговиње е неопходна спортска сала  зашто сегашните услови таму, не дозволуваат реализирање на часовите по физичко образование.

„Ова е најстаро училиште во Полошкиот регон. Стариот објект порано имаше сала, но со изградба на новиот, нема соодветна сала за физички активности. Овој проект е многу значаен за подобрување на физичкиот развој и образованието на децата. Школото има 36 училници и треба да има елементарни услови за спорт“, истакна Пашоли.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски не го прифати амандманот со објаснување дека спортските сали се градат по годишна Програма што ја изготвува Министерството за образование и наука (МОН).

„Таква Програма има и сега, во 2024 година. Жалам што не се вклучени трите спортски сали што се бараат на денешната комисија, но од наредната година ќе напрваиме напори да обезбедиме средства“, рече  Јанкуловски.

Собраниската комисија расправаше и за амандман со кој, исто така, се бара изградба на спортска сала, но во Рашче, со над 40 милиони денари. Заменик-министерот рече дека и овој амандман се отфрла со истото образложение како за претходниот.

Поднесувате комични амандмани за проекти кои веќе се реализираат или кои немаат никаква врска со состојбата на терен, веројатно од незнаење или политикантство. Барем да дојдевте на седница, да го испочитувавте Собранието и да ги објасневте, им порача денеска пратеникот Бојан Стојаноски на колегите од СДСМ.

На амандманската расправа за ребалансот на Буџетот во рамки на Комисијата за финансирање и буџет, Стојаноски нагласи дека е парадоксално некој да поднесува амандман, а да не доаѓа на седница за да го образложи и одбрани.

„Тотално е несериозно опозициската партија последниот ден од расправата да лиферува информација дека мнозинството не прифатило ниту еден нејзин амандман, а притоа, тие што ги предложиле амандманите, не се појавуваат тука. Дополнително, во целата дискусија констатиравме дека се поднесуваат комични амандмани кои немаат врска со теренот, на пример, за болница што постои“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Собранието е сериозна институција, а членовите на Комисијата за финансирање се расположени да дебатираат за секој амандман.

„И да не дојдете до крајот на расправата, ако се обидете да избегнете, ние ќе ги читаме сите амандмани кои се комични, за да сфатат граѓаните со какви несериозни луѓе имаат работа. Барем бидете сериозни кога ќе поднесувате амандмани за Буџетот наредната година“, потенцира Стојаноски.

Од почетокот на денешното петто продолжение на амандманската расправа, некои амандмани беа повлечени, а некои одбиени.

Согласно Деловникот, амандманската расправа, која денеска се одвива петти ден, треба да заврши за шест дена. За ребалансот беа поднесени 58 амандмани, но досега ниту еден не е прифатен.

Со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

Согласно Деловникот, амандманската расправа, која денеска се одвива петти ден, треба да заврши за шест дена. За ребалансот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите, а ниту еден не е прифатен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ