сабота, 2 ноември 2024

„Опенхајмер“ доминираше на наградите БАФТА

Силијан Марфи, Роберт Дауни Џуниор и режисерот Кристофер Нолан беа наградени за нивната работа на „Опенхајмер“ (Oppenheimer), додека филмот доминираше на овогодишните награди БАФТА, јави Би-Би-Cи.

Објавено на

часот

Сподели

Марфи беше прогласен за најдобар актер за улогата на Роберт Опенхајмер, познат како таткото на атомската бомба, додека Дауни Џуниор ја освои наградата за најдобра споредна машка улога.

Драмата освои вкупно седум награди, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм.

Филмот „Кутри нешта“ (Poor Things) собра пет награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобра актерка за Ема Стоун.

Најдобрата споредна женска улога ѝ припадна на Давин Џој Рендолф за „Божиќните сирачиња“ (The Holdovers).

Би-Би-Си пишува дека „Опенхајмер“ и актерите-добитници би можеле да ги повторат своите успеси и на Оскарите за три недели, иако гласачите за Оскар и БАФТА ретко се согласуваат во целост.

Ова е и прва БАФТА награда за режисерот Кристофер Нолан, од чија кариера дел се и „Данкерк“ (Dunkirk), „Зачеток“ (Inception) и „Црниот витез“ (The Dark Knight).

Наградата за најдобар британски филм ја доби „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) за командантот на концентрациониот логор и неговото семејство кои живееле до Аушвиц за време на Втората светска војна.

Филмот во кој главно се зборува на германски, ги освои и наградите за најдобар филм на неанглиски јазик и најдобар звук.

Во меѓувреме, „Момчето и чапјата“ (The Boy and the Heron) стана првата јапонска продукција која ја освои наградата за најдобар анимиран филм.

Двете награди за најдобро сценарио им припаднаа на француската судска драма „Анатомија на пад“ (Anatomy of a Fall) и „Американска фикција“ (American Fiction).

Од друга страна, филмот „Барби“ (Barbie) не однесе ниту една награда, и покрај тоа што беше најуспешен филм во кино-салите минатата година и имаше пет номинации за БАФТА.

Meта

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ