петок, 18 октомври 2024

ООН: Секој 11-ти жител на планетата гладува

Воените судири, економската нестабилност и сè почестите временски неприлики придонесоа за недостиг од храна и ширење на гладот меѓу 733-те милиони жители на нашата планета минатата година, според штотуку објавената студија на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Приближно 29 отсто од светската популација се принудени да прескокнат барем еден оброк дневно. Хроничниот недостиг од храна во светот остана главен проблем поради низа неповолни трендови, па затоа предвидувањата на ОН дека гладот ​​ќе биде искоренет до 2030 година се под голем прашалник, се нагласува во овој документ.

Според изнесените податоци, секој 11-ти жител на планетата се соочува со проблемот на глад, а потешкотиите се најизразени во земјите од африканскиот континент, каде што секој петти жител страда од глад.

„Во полоша ситуација сме од пред девет години кога светската организација одлучи да го искорени гладот ​​во светот до крајот на оваа деценија“, вели еден од авторите на студијата, економистот Дејвид Лаборде.

Според него, доколку овој тренд продолжи, до крајот на 2030 година близу 600 милиони луѓе ќе бидат хронично неухранети, од кои половина ќе бидат жители на Африка.

Податоците покажуваат дека минатата година здравата храна била прескапа за повеќе од една третина од жителите на нашата планета. Дури 75,1 отсто од жителите на сиромашните земји не можеле да си дозволат квалитетна храна, за разлика од состојбата во побогатите земји, каде што само 6,3 отсто од граѓаните немале доволно средства за здрава исхрана.

Според последните процени, вели Лаборде, ќе биде неопходно да се инвестираат речиси четири билиони долари на глобално ниво за да се искорени гладот ​​до крајот на деценијата, како и дека наместо повремените итни пратки со вреќи ориз и брашно, потребно е со здружени сили да се финансираат малите земјоделски производители, да се обезбеди евтина енергија за многу рурални делови на светот и економски да се поддржи изградбата на големи системи за наводнување, особено во посиромашните земји.

Овој извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, како што се нагласува, ќе биде претставен на годинешниов состанок на економски најмоќните земји во светот – Г20, кој ќе се одржи во Бразил на 18 ноември годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ