сабота, 27 јули 2024

ОН: Земјите што доставуваат оружје за Израел веројатно го прекршуваат меѓународното право

Експерти на Обединетите нации денеска предупредија дека секој трансфер на оружје или муниција во Израел, што ќе се користи во Газа, најверојатно ќе го прекрши меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престане.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сите држави мора да ‘обезбедат почитување’ на хуманитарното право, како што налагаат Женевските конвенции од 1949 година и обичајното меѓународно право“, оценуваат експертите.

„Државите мора соодветно на тоа да се воздржат од трансфер на какво било оружје и муниција, или делови за нив, ако се очекува, имајќи ги предвид фактите или минатото однесување, дека тие би можеле да бидат употребени во прекршување на меѓународното право“, се додава во објавата на платформата Икс.

Исто така, се наведува дека таквите трансфери се забранети дури и ако земјата-извозник нема намера оружјето да се користи со кршење на правата или не знае со сигурност дека ќе се користи на таков начин, сѐ додека постои јасен ризик.

Експертите сметаат дека земјите-потписнички на Договорот за трговија со оружје имаат дополнителна одговорност да се спротивстават на извозот на оружје доколку знаат дека тоа ќе се користи за извршување меѓународни злосторства или ако постои ризик дека пренесеното оружје може да се користи за извршување сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право.

„Потребата од ембарго за оружје против Израел е засилена со одлуката на Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари дека постои веројатен ризик од геноцид во Газа и континуирана сериозна штета врз цивилите оттогаш“, велат експертите на ОН.

Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид од 1948 година бара земјите-потписнички да ги користат сите средства што им се на располагање за да го спречат тоа во друга држава до степен што е можно, а тоа значи да се запре извозот на оружје во сегашните услови.

Експертите на ОН го пофалија прекинот на извозот на оружје за Израел од Белгија, Италија, Шпанија, Норвешка и една јапонска компанија.

Државите вклучени во извозот на оружје може да бидат поединечно кривично гонети за помагање и поттикнување воени злосторства, злосторства против човештвото и акти на геноцид.

Исто така, наведено е дека испораките на оружје за Хамас и други вооружени групи се исто така забранети со меѓународното право, имајќи го предвид сериозното кршење на меѓународното хуманитарно право на 7 октомври минатата година, кога Хамас го нападна јужен Израел.

Тие напади предизвикаа војна во Газа, која трае повеќе од четири месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ