сабота, 27 јули 2024

ОН: Ситуацијата во Газа е катастрофална

Хуманитарната ситуација во Газа е „катастрофална“, предупредија вчера пет агенции на ОН, истакнувајќи дека болниците се „преплавени“ со ранети и дека деца „умираат со алармантна брзина“. Светската здравствена организација, Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Програмата за развој и Фондот за населението потсетуваат во заедничкото соопштение дека хуманитарната ситуација во Газа била „очајна“ и пред судирите кои на 7 октомври ги поттикнаа нападите на Хамас врз Израел.

Објавено на

часот

Сподели

„Таа денес е катастрофална“, додаваат тие, повикувајќи ја меѓународната заедница да “направи повеќе“ за да им помогне на жителите на Газа. „Има сосема малку време пред нагло да порасне стапката на смртноста поради појавата на болести и недоволните здравствени капацитети“, предупредуваат тие.

Појасот на Газа, под израелска копнена, воздушна и поморска блокада откако Хамас ја презеде власта таму во 2007 година, е сиромашно подрачје од 362 квадратни километри, кое од 9 октомври е под „целосна опсада“ од Израел, кој му го прекина снабдувањето со вода, струја и храна.

Првиот конвој со хуманитарна помош од 20 камиони, наведуваат ОН, влезе вчера од Египет преку граничниот премин Рафа, единствен кон појасот Газа што не е во израелски раце. Овој број е крајно недоволен, сметаат ОН, кои бараат 100 камиони на ден за 2,4 милиони жители на Газа што се лишени од сè.

„На жителите на Газа им треба многу повеќе, итно им е потребна масовна достава на помош“, рече главниот секретар Антонио Гутереш за време на мировниот самит во Каиро. Агенциите на ОН наведуваат дека „деца умираат со алармантна брзина, без право на заштита, храна, вода и на здравствена грижа“. „Болниците се преплавени со ранети. На цивилите им е сè потешко да дојдат до основните продукти“, додаваат тие.

Хамас од 7 октомври уби повеќе од 1. 400 лица на израелската територија, главно цивили кои се покосени со куршуми, живи се изгорени или умреа по мачењето првиот ден на нападот на палестинското исламистичко движење од Газа, објавија израелските власти.

Во појасот Газа се убиени повеќе од 4.300 Палестинци, главно цивили, во непрестајното израелско бомбардирање, соопшти Министерството за здравство на Хамас во Газа. Покрај тоа, Хамас држи околу двесте заложници, наведува израелската војска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ