понеделник, 16 септември 2024

ОН: Ситуацијата во Газа е повеќе од катастрофална

„Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е повеќе од катастрофална“, предупредија вчера Обединетите нации.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од милион луѓе во јужниот и централниот дел на Газа не добиле ниту еден оброк во август преку хуманитарна помош, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

„И покрај предизвиците со кои се соочуваме, ОН и другите хуманитарни организации продолжуваат да прават сѐ што е можно за да им ја обезбедат на Палестинците потребната помош за да преживеат“, рече тој.

Помеѓу 19 август и крајот на месецот, 450.000 оброци приготвени во 130 кујни секојдневно се доставуваа до семејствата низ Појасот Газа.

„Вреди да се повтори дека хуманитарната ситуација во Газа и натаму е повеќе од катастрофална и дека сè уште ги немаме сите услови неопходни за поддршка на луѓето, ниту блиску до степенот до кој тоа навистина им е потребно“, рече Дужарик.

Поради повеќекратните наредби за евакуација издадени од израелските безбедносни сили, 70 кујни мораа да престанат со работа или да се преселат.

Втор месец по ред се чини дека нема да има доволно залихи за задоволување на потребите, што значи дека семејствата во централна и јужна Газа ќе добијат само еден пакет со храна.

Дужарик додаде дека по 11 месеци војна, на меѓународните медиуми сè уште им е забрането да влезат во Газа за да известуваат за хуманитарните последици.

На Западниот Брег, израелските сили продолжуваат да „користат смртоносни воени тактики“, рече Дужарик, цитирајќи извештаи од организацијата на ОН за итна помош, OЦХA.

„Медицинските установи се практично под опсада повеќе од една недела, со наметнати строги ограничувања за движењето на амбулантите и медицинскиот персонал“, рече тој.

„OЦХA исто така предупредува дека ова ги продлабочува хуманитарните потреби на луѓето, како и несигурноста, и предизвикува загриженост поради прекумерната употреба на сила.“

Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Појасот Газа во војната што почна откако палестинската милитантна група Хамас го нападна на 7 октомври, при што загинаа повеќе од 1.200 луѓе.

Според здравствените власти во Газа, кои се под контрола на Хамас, повеќе од 40.000 луѓе се убиени на палестинската територија од почетокот на војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ