сабота, 21 декември 2024

ОН: Претворањето обични уреди во бомби го крши меѓународното право

Претворањето на обични, лични телекомуникациски уреди во бомби и целењето илјадници Либанци кои користат пејџери, воки-токи и друга електронска опрема претставува кршење на меѓународните прописи за човековите права, изјави високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Тирк.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тирк на итниот состанок на Советот за безбедност кажа дека мора да се спроведе независна и транспарентна истрага за нападите во Либан во вторникот и средата каде тие направи експлодираа, убивајќи 37 луѓе и ранувајќи повеќе од 3.700, за што е осомничен Израел.

Турк кажа дека експлозиите не само што го прекршиле меѓународното право за човековите права, туку и клучните принципи на меѓународното хуманитарно право во војната кои наложуваат разликување на цивилите и борците, пропорционалност и мерки на претпазливост.

Меѓународното право исто така забранува употреба на мини кои изгледаат безопасно, кажа тој и додаде дека „воено злосторство е вршење насилство за предизвикување терор меѓу цивили“.

Либан го обвини Израел за нападите кои најверојатно беа насочени на борците на либански Хезболах со кој Израел војува, но многу од жртвите се цивили, вклучувајќи деца.

Пред состанокот на Советот за безбедност новинарите го прашаа амбасадорот на Израел во ОН Дени Данон за шпекулациите дека Израел стои зад експлозиите.

„Не коментираме конкретни напади, но можам да ви кажам дека ќе направиме сè што можеме да ги таргетираме терористите за да намалиме цивилни жртви“, одговори тој.

Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бухабиб го обвини Израел дека со минирањето и детонирањето лични телекомуникациски уреди го тероризира целото население на Либан – на улиците, пазарите, во продавниците и нивните домови каде тие подметнати уреди експлодирале.

Помошничката на генералниот секретар на ОН за политички прашања Розмари Дикарло го предупреди Советот за безбедност дека експлозиите, како и повеќе од 11 месеци крвопролевање во Газа, со речиси секојдневна размена на оган преку границата на Израел и Либан, претставуваат сериозен ризик за безбедноста и стабилноста на регионот на Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ