недела, 20 октомври 2024

ОН: Новиот бран руски напади предизвикаа нагло зголемување на цивилните жртви во Украина

Масовниот бран руски ракетни и беспилотни напади врз Украина во изминатите неколку недели предизвика нагло зголемување на цивилните жртви, менувајќи го трендот на намалување забележан минатата година, се вели во новиот извештај на Обединетите нации.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот на Набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права во Украина (ХРММУ) се наведува дека само во декември во руските напади загинале 101 украински цивил, а 491 биле ранети, што претставува зголемување на бројот на потврдените жртви за 26,5 отсто на месечна основа. ХРММУ рече дека вистинската бројка се верува дека е поголема, бидејќи многу пријавени случаи сè уште чекаат проверка.

„Зголемувањето на цивилните жртви во декември главно се должи на засилените ракетни напади на руските вооружени сили низ Украина на 29 и 30 декември. Нападите со овие видови оружје сочинуваа 34 отсто цивилни жртви во декември во споредба со 16 отсто во ноември“, се вели во извештајот.

Даниел Бел, шефица на ХРММУ, рече дека бранот напади кон крајот на декември и почетокот на јануари го смениле опаѓачкиот тренд забележан во 2023 година.

Засилениот бран напади со ракети и беспилотни летала предизвикале најголем број цивилни жртви на 29 декември и 2 јануари, а ХРММУ вели дека моментално ги проверува извештаите дека во тој интервал можеби биле убиени 86 луѓе, а 416 биле ранети.

Тешките руски напади продолжија и по 2 јануари, соопшти мисијата на ОН, истакнувајќи го ракетниот напад на 6 јануари врз малиот град Покровск и блиското село Ривне во источниот регион Доњецк во близина на линијата на фронтот.

Во нападот, две семејства, шестмина возрасни и пет деца, беа затрупани под урнатините откако нивните куќи беа погодени. Некои од телата сè уште се водат како исчезнати, и покрај неколкудневните тешки напори на спасувачките тимови, соопштија ОН.

Во друг инцидент, во Новомосковск во областа Дњепропетровск, во руски ракетен напад на 8 јануари ранети се 31 цивил, вклучително и осум патници во минибус за време на утринско патување, соопштија ОН.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, вкупниот број на потврдените цивилни жртви се искачи на 29.330 – 10.191 лице се убиени, а 19.139 се ранети, според извештајот на ХРММУ.

Оперативниот директор на хуманитарната канцеларија на ОН, Едем Восорну, на 10 јануари пред Советот за безбедност на ОН изјави дека за најмалку 575 деца било потврдено дека се убиени од почетокот на инвазијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ