Некои европски земји веќе го замрзнаа процесирањето на барањата за азил за Сиријците. „Убедени сме дека враќањето на милион луѓе би предизвикало конфликт во и онака кревкото општество“, рече Ејми Поуп, шефица на ИМО. „Ние не сме за масовно враќање на бегалците. Искрено кажано, заедниците едноставно не се подготвени да ги апсорбираат раселените“, додаде таа и ги повика донаторите да помогнат во стабилизирањето и обновата на земјата.
Таа, исто така, ги повика европските лидери да ги забават плановите за „враќање на луѓето“ назад во Сирија.
Таа, исто така, предупреди дека некои заедници може да одлучат да ја напуштат земјата поради неизвесноста околу новата влада предводена од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), група која некогаш беше поврзана со Ал Каеда и која е на листата на терористички организации.
„Слушнавме за такви планови во некои заедници, како христијанските заедници, кои сè уште не побегнале, но се многу загрижени за тоа што би можело да се случи во следните неколку месеци и сакаат гаранции дека нема да станат цел на напади“, рече Поуп.
Сириските бунтовници го зазедоа Дамаск на 8 декември, принудувајќи го Асад да побегне по 13-годишната граѓанска војна и ставија крај на децениското владеење на неговото семејство.
САД и другите западни земји и многу Сиријци го поздравија падот на Асад, но сè уште не е јасно дали ХТС ќе воведе строга исламска власт или ќе биде пофлексибилен.
Меѓу Сиријците е распространето мислење дека новата власт се приклонува кон тврдокорно религиозно владеење, дека ќе ги маргинализира малцинските заедници како што се христијаните, Друзите и Курдите и ќе ги исклучи жените од јавниот живот.