Додека конечната одлука за таквите злосторства зависи од судовите, Меѓународниот кривичен суд во Хаг во моментов го истражува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерите на палестинските милитанти поради можни воени злосторства.
Израелската влада редовно ги отфрла наодите на ОХЦХР, како и на Советот за човекови права на ОН, обвинувајќи ги телата со седиште во Женева дека се пристрасни на штета на Израел. „Израелското префрлање на дел од сопственото население на териториите кои ги окупира е еднакво на воено злосторство“, кажа Турк.
Неговата канцеларија документирала значителен пораст на населувањето меѓу 1 ноември 2023 и 31 октомври 2024 на Западниот брег и источен Ерусалим. Само во источен Ерусалим се направени почетни чекори за изградба на 20.000 нови станбени единици.
Израел го освои и го анектираше источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967, но анексијата не е призната според меѓународното право. Исто така, претставени се планови за изградба на 10.300 нови станбени единици во постоечки населби на Западен брег. Во извештајот се истакнува воспоставувањето 49 нови населби во набљудуваниот период, што е повеќе отколку во претходните 12 месеци.
Присилното раселување на Палестинците исто нагло пораснало, а преместени се околу 4.500 лица, речиси тројно повеќе од една година претходно. Во источен Ерусалим, 214 палестински објекти се урнати, а речиси 1.800 се уништени во Западниот брег. Насилствата ескалирале и во набљудуваниот период се убиени 612 Палестинци и 24 Израелци.
„Израел мора веднаш и целосно да престане со сите активности на населување и да ги евакуира сите доселеници, да го сопре присилното преместување на палестинското население и да спречи и казни напади на своите безбедносни сили и доселениците“, кажа Турк. Тој додаде дека Израел мора да обезбеди и репарации за предизвиканата штета од децениското незаконско доселување.