Израелската постојана мисија во ОН во Женева ги опиша тврдењата на истрагата како неосновани, пристрасни и неверодостојни.
„Израелските власти делумно ја уништиле репродуктивната способност на Палестинките во Газа како група, вклучувајќи наметнување мерки наменети за спречување на раѓања, што е една од категориите на геноцидни дела во Римскиот статут и Конвенцијата за геноцид“, утврдила Независната меѓународна истражна комисија на ОН во истрагата на окупираните палестинските територии, вклучувајќи го источен Ерусалим, и во Израел.
Тие дела, со порастот на бројот на смртни случаи на родилки поради ограничениот пристап до медицински ресурси, претставуваат злосторство против човештвото со истребување, објасни комисијата.
Извештајот ги обвинува израелските безбедносни сили дека користат присилно јавно соблекување и сексуално злоставување како дел од своите стандардни оперативни постапки за казнување на Палестинците.
Израел ги отфрла обвинувањата. „ИДФ (израелската војска) има конкретни директиви и политики кои недвосмислено забрануваат такво однесување“, одговори постојаната мисија во ОН во соопштение, додавајќи дека процесите на ревизија се во согласност со меѓународните стандарди.
Претходниот извештај кој комисијата го објави во јуни 2024 ги обвини Хамас и други палестински оружени групи за сериозни кршења на правата во упадот од 2 октомври 2023, вклучувајќи мачење и понижувачко постапување.
Израел е потписник на Конвенцијата за геноцид и Меѓународниот суд на правдата во јануари му нареди да преземе мерки за да спречи геноцидни дела во војната против Хамас.