Бројот на домаќинствата во Појасот Газа погодени од сериозен недостиг од храна е најголемиот забележан на глобално ниво, според извештајот на ИПЦ за мерење на сериозноста на недостигот од храна, изработен од голем број организации, меѓу кои и агенции на ОН и хуманитарни невладини организации.
Хуманитарната ситуација во Газа драстично се влоши по нападот на Израел, кој одговори со силно бомбардирање по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, потсетува Ројтерс.
Камионите што доставуваат храна, вода и лекови од Египет сочинуваат само десет отсто од потребите на населението во Газа, според податоците на ОН.
Околу 85 отсто од населението, односно околу 1,9 милиони жители, се раселени во исклучително мали географски области.
„Помеѓу 24 ноември и 7 декември, повеќе од 90 отсто од населението на Газа, околу 2,08 милиони луѓе, се соочија со силен глад, во категоријата 3 ИПЦ (криза или полошо). Од тој број, повеќе од 939.000 луѓе се во категоријата 4 ИПЦ (вонредна состојба) и повеќе од 378.000 луѓе беа во категоријата 5 ИПЦ (катастрофа)“, се вели во извештајот на ОН.