сабота, 27 јули 2024

ОН: Блискиот исток е на раб на бездна

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави во неделата дека Блискиот Исток е на „раб на бездна“ и го повика исламистичкиот Хамас веднаш да ги ослободи заложниците, а Израел да обезбеди итен хуманитарен пристап до Појасот Газа.

Објавено на

часот

Сподели

„Секоја од овие две цели е вредна сама по себе“, се вели во соопштението на Гутереш. „Тие не треба да станат средство за преговарање и мора да се остварат бидејќи тоа е правилно. Газа останува без вода, електрична енергија и други основни залихи“, рече шефот на ОН.

Гутереш рече дека ОН имаат залихи на храна, вода, непрехранбени производи, медицински материјали и гориво во Египет, Јордан, Израел и на Западниот Брег, кои би можеле да бидат испратени во Газа „во рок од неколку часа“, доколку можат да бидат доставени безбедно и без пречки.

По големиот напад на Хамас, Израел го поврза обезбедувањето на основни услуги за цивилното население во Појасот Газа со ослободувањето на израелските заложници кои ги држи таа исламистичка организација.

Повиците на Израел до жителите на Газа да ја напуштат областа беа широко критикувани, вклучително и од ОН, кои предупредија на „хуманитарна катастрофа“. „Хуманитарна катастрофа без преседан“ е во тек во Газа, соопшти агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

„Ниту капка вода, ниту зрно пченица, ниту литар гориво не е дозволено да влезе во Газа во последните осум дена“, рече Филип Лазарини, шеф на УНРВА.

Хуманитарната координаторка на ОН за окупираната палестинска територија, Лин Хестингс, изрази жалење што Израел „ја поврзува хуманитарната помош за Газа со ослободување на заложниците“. „Тие рекоа дека сакаат да го уништат Хамас, но нивниот сегашен пат ќе ја уништи Газа“, рече таа. Единствената трошка надеж е дека водата се вратила во одредени локалитети на југот на палестинската територија каде што се збиени десетици илјади луѓе.

Сепак, ситуацијата сѐ уште е многу тешка за илјадници бегалци. „Секој ден размислуваме како да заштедиме вода. Ако се тушираме, нема да имаме за пиење“, вели Асем, жител на Кан Јунес, без да го сподели своето презиме. На југот на Појасот Газа, каде што десетици илјади пристигнуваат од север, без ништо, израелските напади продолжуваат, велат жителите.

„Погледнете го огромното уништување. Тие тврдат дека овде има терористи“, вели Ала ал-Хамс, покажувајќи на урнатините на куќа што била бомбардирана во неделата.

„Каде е хуманоста за која зборуваат? Овде се само цивили, не се врзани за ниту една група, а сите се мртви“. Во неделата, деветтиот ден од конфликтот, израелските воздухопловни сили немилосрдно бомбардираа цели во Појасот Газа, додека борците на Хамас продолжија да гаѓаат ракети кон Израел.

Според Министерството за внатрешни работи на Газа, израелската војска извршила десетици напади врз населбите Тал ал Хава и Шеик Радван, како и воздушни напади врз згради во Кан Јунес, Рафа и кампот Нусејрат. На граничниот премин Рафа, меѓу Египет и Газа, хуманитарна помош пристигнува од неколку главни градови, но сѐ уште не преминала во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ