вторник, 7 јануари 2025

Оланд смета дека Макрон треба да го истера својот мандат за да избегне криза

И покрај сè погласните повици на оставка, францускиот претседател Емануел Макрон „треба да го истера својот мандат“ за да избегне „голема институционална криза“, оцени неговиот претходник, социјалистот Франсоа Оланд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој во интервју за весникот Уест-Франс повтори дека е против ново распуштање на парламентот.

„Се залагам за почитување на роковите“, кажа Оланд, кој не е еден од оние кои бараат предвремено заминување на Макрон од функцијата, како лидерите на левицата и екстремната десница, Жан Лук Меланшон и Марин ле Пен.

За Оланд, кој беше претседател на Франција од 2012 до 2017 година, „какви критики и да може да му се упатат“ на неговиот наследник, а и самиот ги има многу, „Макрон беше повторно избран за претседател и поради тоа мора да го заврши својот мандат“.

Оланд смета дека оставка на Макрон би „предизвикала голема институционална криза“ во Франција.

Исто така нема збор за распишување нови парламентарни избори, оцени Оланд, кој минатиот јули на изборите повторно беше избран за пратеник во областа Кортез во централниот дел на земјата.

„Не гледам како распуштањето на парламентот по шест месеци може да ни даде поинаков парламент од сегашниот“, смета Оланд.

Франција во 2024 година доживеа повеќемесечна политичка криза предизвикана од распуштањето на парламентот по лошите резултати на коалицијата на Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Предвремените парламентарни избори одржани минатото лето резултираа со формирање парламент поделени во три блока (левичарски сојуз, макронисти и десничари, и екстремни десничари), а ниеден табор не освои апсолутно мнозинство.

Центристот Франсоа Бајро, именуван во декември за премиер, стана четвртиот претседател на владата кој Франција го имаше во 2024.

Претходната влада на премиерот Мишел Барние траеше три месеци, пред гласањето за недоверба во парламентот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ