сабота, 27 јули 2024

Околу 600.000 Палестинци избегаа од Рафа, Хамас тврди дека останува во Газа

Израелската војска ги продолжи операциите на северот на Појасот Газа и во делови на Рафа, град на југот на Појасот Газа, на кој му се заканува офанзива насочена против палестинската исламистичка организација Хамас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Арапската лига се состанува во Манама, главниот град на Бахреин, а на состанокот ќе доминира темата: војната во Газа, пренесува Франс прес.

Претходната средба се одржа во ноември во Саудиска Арабија и тогаш беше осудена израелската офанзива, но не беа најавени казнени економски и политички мерки против таа земја.

Водачот на Хамас Исмаил Ханије во средата вечерта потврди дека организацијата, која ја презеде власта во Газа во 2007 година, е „тука да остане“ и дека тој, заедно со другите палестински фракции, ќе одлучува за управувањето со Газа по војната со Израел.

Ханије исто така рече дека исходот од преговорите за прекин на огнот е неизвесен бидејќи Израел инсистира да го окупира граничниот премин Рафа и ги интензивира нападите на палестинска територија.

Жителите на кои им се заканува глад и повеќепати се раселени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, повторно се на пат во потрага по нови засолништа додека ОН предупредуваат дека нема безбедно место во Газа.

Четворица Палестинци се убиени во четвртокот наутро во израелско бомбардирање на куќа во центарот на Рафа, според градската болница лоцирана на југот на малата палестинска територија, каде што се последните баталјони на Хамас, како што тврди премиерот на Израел.

Тој е решен да започне копнена офанзива во Рафа, а САД, загрижени за цивилните жртви, како и голем дел од меѓународната заедница, се спротивставуваат на таквата офанзива во градот на границата со Египет каде што илјадници се раселени.

Јужна Африка ќе побара од Врховниот суд на ОН да му „нареди“ на Израел да го запре упадот во Рафа во рамки на операцијата што ја нарече геноцидна и за која вели дека го загрозува самиот опстанок на Палестинците.

Нетанјаху верува дека Израел избегнал хуманитарна катастрофа во Рафа и вели дека речиси половина милион луѓе се евакуирани од борбената зона во градот каде што израелската војска спроведува воени операции од 7 мај.

Агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА, соопшти дека околу 600.000 луѓе ја напуштиле Рафа по ескалацијата на воените операции.

Премиерот на Израел во интервју за американскиот ТВ канал Си Си-ен-би-си го потврди несогласувањето со Вашингтон за Рафа и рече дека неговата земја ќе го направи тоа што мора.

Од влегувањето во дел на Рафа на 7 мај, израелската војска сè уште е распоредена на палестинската страна на граничниот премин со Египет, клучен меѓу другото за испорака на гориво.

Оттогаш ништо нема влезено во Рафа, а Египет и Израел меѓусебно се обвинуваат за тоа.

Хуманитарната помош е исто така блокирана на главниот премин со Израел, Керем Шал.

Во меѓувреме, Велика Британија објави дека товар од речиси 100 тони хуманитарна помош го напуштил Кипар и дека ќе биде испорачана во пловечкото пристаниште изградено од американската војска на брегот на Појасот Газа кое наскоро ќе биде оперативно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ