сабота, 27 јули 2024

ОЈО Скопје ја запре истрагата за „Делчевски ниви“, владини претставници во ЕВН го смениле исказот

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за запирање на истрагата против седум осомничени за кривичното дело измама во службата за случајот познат како „Делчевски ниви” за земјиште во делчевско што го купила компанијата ЕВН електрани за 40 пати поскапо од пазарната вредност. 

Објавено на

часот

Сподели

Причина за запирање на истрагата е тоа што членови на Управниот одбор на ЕВН ги смениле претходно дадените искази во обвинителството, а врз кои се темелела истрагата. Од ОЈО Скопје информираат дека порди ова веќе е оформен и предмет за давање на лажен исказ. 

Додека траеше истрагата на двајцата првоосомничени им се ставаше на товар дека во текот на 2021 година заеднички, вршејќи ја својата службена должност, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетената компанија ЕВН Македонија, а потоа и овластено лице да извршат незаконита исплата во постапка за купување земјиште за изградба на фотонапонски волтаици. Според сомненијата на обвинителството, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки во работата и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат и со тоа делувале врз ЕВН АГ Австрија, во својство на доминантен акционер во ЕВН Македонија да ја оцени како исплатлива понудата и со тоа да ја одобри инвестицијата за купување недвижен имот, вкупно 48 катастарски парцели во неколку катастарски општини. 

„Основа за поведување на постапката за кривично дело, чие битие се заснова на доведување во заблуда на овластените лица да извршат незаконита исплата, беа првичните искази на членовите во Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје, кои тврдеа дека не би гласале за одлуката за купување доколку ги знаеле фактите во врска со дел од предметните парцели, поточно дека се работи за земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје“, информираат од ОЈО Скопје. 

Надлежниот јавен обвинител во текот на постапката ја прибрал целокупната документација поврзана со носењето на одлуките и со склучувањето на договорите за купување на парцелите, која била предмет на вештачења. Дополнително, биле извршени распити на сите лица кои имале определени сознанија за случајот. 

„Меѓутоа, во текот на истражната постапка, членовите на Управниот одбор го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата. Имајќи ја предвид изјавата на застапникот и воедно заштитникот на државниот капитал во правното лице ЕВН Македонија АД Скопје,  која во конкретниот случај е круцијална за докажување на заблудата како обележје на кривичното дело, јавниот обвинител во предметот донесе одлука за запирање на истрагата“, велат од ОЈО Скопје. 

Со оглед на тоа што во дел од исказот пред јавен обвинител застапникот на државниот капитал презентираше и лажни факти во поглед на извршените претходни проверки на земјиштето кое било предмет на купопродажба, Основното јавно обвинителство Скопје за овој дел од исказот оформи предмет со кој поведува постапка против овој сведок за кривичното дело давање лажен исказ.

„Тој исказ пред јавниот обвинител, иако обвинителството смета дека е лажен, не влијае во конкретната постапка која е запрена, бидејќи членовите на Управниот одбор во текот на постапката се премислија  и сега категорично негираат дека биле во заблуда или измамени за да одобрат купување на земјиштата“, информираат од ОЈО Скопје. 

Случајот во јавноста познат како „Делчевски ниви“ се однесува на тоа што ЕВН електрани купила за 40 пати поскапи од пазарната вредност 48 парцели во делчевски. Луѓето што ѝ ги продале нивите на ЕВН истите ги добиле на подарок неколку недели претходно. Пазарната вредност на нивите обвинителството ја процени на речиси 35.000 евра, а тие ѝ биле продадени на ЕВН Електрани за 1,6 милиони евра. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ