Како што информираше Обвинителството, кривичното дело измама обвинетата го сторила со лажно прикажување на факти дека ќе им изнајми сопствен стан во Скопје на оштетените и со тоа ги навела однапред да и исплатат во готово одреден паричен износ.
„По претходно објавени огласи за изнајмување станови преку социјалната мрежа фејсбук, секој од оштетените телефонски ja контактирал обвинетата и таа лажно им прикажала дека ќе им изнајми стан, барајќи да ѝ исплатат пари како аванс пред да се вселат. По уплатата, на секој од оштетените им давала на рака клучеви како да се од изнајмените станови на различни локации во Скопје. Меѓутоа, клучевите не одговарале на становите што наводно им ги изнајмувала и во нив живееле други луѓе. На овој начин обвинетата од оштетените прибавила пари во вкупен износ од 74.200 денари“, информираа од Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетата, која и беше определена поради опасност од бегство.