Директорот на Државна лотарија Перпарим Бајрами од 2022 до 2024 година одобрувал исплата по фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на компанијата. Фактурите ги издавал сопственикот и управител на компанијата Ритрон копи, Артан Ајрули. И двајцата биле свесни дека дел од опремата во фактурите не се испорачувала согласно предвиденото во склучените договори за јавни набавки. Предмет на проверки е целокупната постапка за доделување на шест јавни набавки на ваква опрема за Државна лотарија, од моментот на утврдување на техничките спецификации до реализацијата.
Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот сопственик на правното лице – привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска повремено да се јавува во судот, соопшти ОЈО Скопје.