Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски во врска со именувањето на селекторите најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели директорот Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
М-р Симона Ѓорчева е управен директор на Камерниот оркестар во Келн, Германија со големо искуство во делот на организација на концерти и концертни турнеи. Претходно работела како проектен менаџер на „Шуманфест“ во Дизелдорф, каде остварила бројни контакти со врвни уметници ширум светот. Таа исто така била и генерален директор на меѓународниот натпревар Роберт Шуман за млади пијанисти до 20 години во Дизелдорф, како и координатор во Центарот за високо талентирани музичари, Шуман Јуниор.
Во својата кариера м-р Ненад Витанов има режирано над 20 театарски претстави во повеќе театри, а неговите претстави се селектирани на повеќе театарски фестивали и имаат добивано награди. Вработен е во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Витанов бил програмски директор на ФАД „Стоби“, организатор на „Рацинови средби“, директор на театарскиот фестивал „5РЕ“, како и дел од жирито за доделување на наградата „Петре Прличко“.