„Жители на Белчишта споделија со нас повеќе фотографии од локација во селото, каде општински служби секој втор ден ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата директно во реката која е притока на река матица од Сини Вирој, која се влива во Сатеска, па оттука и во Охридското Езеро. Според информациите кои ги добивме, повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел еко-систем во блатото се загадува, а за ова никаде не се информира. Жителите реагираат и дека градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески ветувал дека ќе го среди овој проблем, но сега ништо не се презема“, пишува во статусот.
Истовремено од Охрид СОС потсетуваат дека Белчишко блато е блатен еко-систем, кој се напојува со вода од повеќе од десет видливи карстни извори, познати како Сини Вироj, вистински бисер на природата.
„Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Понатаму, Белчишко блато е дел од Националната мрежа ‘Емералд’. Блатото е реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот. Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 километри квадратни“, пишува во објавата на фејсбук профилот на Охрид СОС.