На 29 март, вработени во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, извршиле контрола на работното место на полицаецот А.М. од полициската станица Охрид, обезбедување на вила Бела, сопственост на Министерството за внатрешни работи. Притоа, на работната маса во стражарската куќа биле пронајдени бела прашкаста материја, шише исполнето со течност и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја. Потоа, А.М. одбил да соработува и не дозволил да му биде извршено испитување за присуство на метаболити од наркотични средства во урината во Институтот за судска медицина во Скопје.
Исто така, при контролата било констатирано дека А.М. ја преземал смената од С.Т. без да извршат примопредавање, при што С.Т. во објектот го оставил своето формациско оружје со полна рамка со муниција и останата службена опрема за обезбедување на објектот, оставајќи го клучот од просторијата во близина на објектот.
„Против А.М., е поднесен предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина според Колективниот договор на МВР и ќе бидат изречени задолжителни мерки за отстранување од работно место, поради оневозможување на утврдување на одговорност за повреда на работните обврски. Против С.Т., ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина“, пишува во соопштението на МВР.