понеделник, 28 октомври 2024

Охрид, Зелениково и Тетово се најдобрите општини за вклучување на младите во јавните политики

Просечната оценка на социјалната вклученост на младите на локално ниво изнесува 41 отсто, а како највисоко рангирана општина во земјава е Општина Охрид. Ова го посочуваат резултатите од анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ изготвена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Анализата ги рангира општините според нивните капацитети во поддршка на вклученоста и еднаквоста на младите и служи како алатка за идентификување на области што бараат подобрување и за истакнување на успешни практики што може да се реплицираат во други општини.

За оваа анализа, се посочува, биле развиени сет на индикатори, распоредени во четири групи на интерес, како и начин на следење и прибирање на информации за истите. Во истражувањето биле опфатени сите 80 општини во државата, а како пријателски општини покрај Охрид се квалификуваат и општините Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.

„Од истражените четири области, општините најдобро се покажаа во пристапот до услуги, каде 40 проценти од општините се рангирани како добри и одлични, со Охрид, Велес, Битола, Струмица и Гостивар како највисоко рангирани. Во однос на пристапот до информации, 31 отсто од општините се одлични, а најдобри се Кисела Вода, Охрид, Берово, Зрновци и Дојран. Што се однесува до вклучувањето на младите во јавни политики, само 4 отсто од општините, како Охрид, Зелениково и Тетово, се одлични. Во однос на формирање младински совети, само 16 проценти од општините имаат функционални совети, вклучувајќи ги Теарце, Зелениково, Гостивар, Лозово и Гевгелија“, наведуваат од НМСМ.

Анализата на младинското учество на локално ниво, се додава, покажува значителни предизвици во исполнувањето на законските обврски од Законот за младинско учество и младински политики, како и во имплементацијата на мерките предвидени со Националната стратегија за млади.

„И покрај утврдените рокови, многу општини ги исполнуваат овие обврски само делумно или воопшто не ги исполнуваат. Суштинското вклучување во креирањето на јавните политики е реткост. Дополнително, општините ретко ги таргетираат младите како посебна целна група, а комуникациските канали не се прилагодени на нивните потреби. Финансиската поддршка за младите, пак, најчесто се фокусира на спортски клубови, стипендии за млади и слични видови на финансирање и поддршка на младите“, пишува во анализата.

Анализата на младинското учество на локално ниво открива потреба од значајни промени за подобрување на вклучувањето на младите. Препораките вклучуваат, назначување на службеници за млади со посебен фокус на младинските прашања, развивање на иновативни алатки за младинско учество и подобрување на пристапот до постојните алатки за граѓанско учество.

„Општините треба да планираат буџетски средства за поддршка на младите и создадат младински центри, при подготовка на буџетите да планираат проекти и средства за поддршка на младите, да ја исполнат својата обврска од 0,1 отсто од буџетот на општината да биде наменет за младински прашања“, велат од НМСМ.

Воведувањето на дигитални алатки и подобрување на соработката со граѓанските организации се исто така клучни за ефективно младинско учество, посочуваат од НМСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ