Според информациите од СВР – Охрид, активностите ќе бидат насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на одредени објекти, локации и сообраќајници, каде е предвиден престој и движење на најавените делагации.
За утре од 6 часот во сила ќе биде забраната за паркирање на моторни и други возила на булевар „Македонски Просветители“, на паркингот пред плоштадот „Крушевска Република“, на кружниот тек на плоштадот „Свети Климент Охридски“, долж Кеј „Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“, како и долж улицата „Партизанска“ од пресекот со булеварот „Македонски просветители“ до пресекот со улицата „Кузман Јосифовски“.
Исто така, паркирањето возила ќе биде забрането и на паркингот кај „Горна Порта“, долж улицата „Илинденска“, на паркингот кај „Долни Сарај“, паркингот пред црквата „Света Софија“ и улицата „Коста Абраш“.
Сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата заедно со улиците во населените места и паркиралиштата.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, утре ќе презема засилено сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка“, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање моторни возила. Мерките предвидуваат непречено пропуштање на возилата со приоритет наменети за обезбедуваните личности при што, нема значително стопирање на нормалното одвивање на сообраќајот бидејќи, предвидено е последователно и непречено пропуштање на останатите возила во сообраќајот.
Со цел непречено одвивање на мерките, деновиве СВР Охрид оствари координативни средби со службите од локалната самоуправа, како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со службите за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија и останати релевантни субјекти.
Со оглед на значајноста на настанот во Охрид, од СВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците и другите локации.