сабота, 19 октомври 2024

Огромно праисториско ликовно дело изрезбано во камен откриено во Саудиска Арабија

Археолозите документираа низа резби во облик на камили, на карпа што се издига на самиот југ на пустината Нафуд во северот на Саудиска Арабија. Монументалното уметничко дело прикажува десетина диви камили во природна големина – инаку веќе изумрен вид што некогаш се движел по овој дел од пустината на Арапскиот Полуостров пред илјадници години, но никогаш не добил научно име, се вели во напис во списанието „Аркиолоџикал рисрч“ (Archaeological Research).

Објавено на

часот

Сподели

Иако наоѓалиштето наречено Сахут, е препознаено претходно, ова е првпат некој официјално да го документира овој цртеж со камили.

„Дознавме за ова место од друг труд, но беше тешко да се најде плочата, бидејќи дадената местоположба не беше прецизна и ова не е лесен терен за навигација“, изјави Марија Гуањин, постдокторски соработник во Институтот „Макс Планк“ за геоантропологија во Германија и одговорна за новиот научен потфат.

Таа ги објави сликите од новите наоди на својот интернет-простор. Kaкo што пренесува „Лајв сајенс“ (Live Science), изнаоѓањето на оваа древна уметност зад песочните дини не беше единствениот предизвик. Резбите имаат и понови гравури коишто се преклопуваат со камилите, па тоа отвора нови мистерии за и околу тоа – која култура и кога ги создала ликовните дела?

Исто така, повеќето од резбите се направени внатре во пукнатините, што го отежнува Ц-14 датирањето. Сепак, испитувањето на две наоѓалишта во близина укажува дека оваа област била населена повеќепати некаде меѓу плеистоценот и средината на холоценот, т.е. пред околу 12.000 до пред 5.000 години.

„Ттогаш дивите камили сѐ уште имале зимско крзно. Не постои познат извор на вода, па можеби нешто друго ги довело луѓето овде. Можеби тоа било добра точка за застанување на пат до друго место. Мора да било важна локација, но во мигов не сме сигурни зошто е тоа така“, појасни Гуањин.

Сахут не е единственото место во Саудиска Арабија каде што се пронајдени резби со камили во природна големина. Во 2018 година, археолозите открија низа такви ликовни дела од пред 2.000 години и во областа Ал-Џуф во северозападната саудиска пустина.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ