вторник, 22 октомври 2024

Огромен метеорит го разорил морското дно и ги зоврел океаните на Земјата

Огромен метеорит откриен во 2014 година предизвикал цунами поголемо од кое било во историјата на човештвото и ги зоврел океаните, открија научниците. Вселенската карпа, која била 200 пати поголема од онаа што ги уништила диносаурусите, удрила во Земјата уште кога таа била во зародиш, пред три милијарди години, објави Би-би-си.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Научниците отишле на местото на ударот во Јужна Африка за да земат примероци од карпи и подобро да разберат што се случило. Тие нашле докази дека големите удари на астероиди не само што донеле уништување, туку и помогнале во развојот на раниот живот на Земјата.

„Откако се формирала Земјата, знаеме дека низ универзумот сè уште летале многу остатоци што се удирале во неа. Но сега откривме дека животот бил поотпорен по овие огромни удари и дека всушност цветал и напредувал“, вели професорката Надја Драбон од универзитетот Харвард, водечки автор на новата студија.

Метеоритот С2 бил многу поголем од вселенската карпа што нам ни е најпозната. Онаа што довела до истребување на диносаурусите пред 66 милиони години била широка околу 10 километри. Но С2 бил широк 40-60 км, а неговата маса била 50-200 пати поголема.

Удрил во Земјата додека била уште во раните години и изгледала значително поинаку. Тоа било воден свет со само неколку континенти што стрчеле од морето. Животот бил многу едноставен – микроорганизми составени од единечни клетки.

Местото на удар во источниот Барбертон Гринбелт е едно од најстарите места на Земјата со остатоци од метеорити. Професорката Драбон отпатувала таму три пати со своите колеги, возејќи колку што е можно подалеку во оддалечените планини, а потоа со ранци на грбовите го пешачеле остатокот од патот.

Ренџерите ги придружувале со пушки во рацете за да ги заштитат од диви животни како слонови или носорози, па дури и од ловокрадците во националниот парк.

Тие барале сферични честички или ситни парчиња карпи останати од ударот. Со помош на чекани собрале стотици килограми карпи и ги вратиле на анализа во лабораториите.

Професорката Драбон ги спакувала најскапоцените парчиња во својот багаж: „Обично ме запира обезбедувањето на аеродромот, но потоа им раскажувам приказна за тоа колку науката е возбудлива и им станува досадно, па ми дозволуваат да поминам“.

Научниците сега реконструирале што се случило кога метеоритот С2 удрил во Земјата. Тој издлабил кратер долг 500 километри и ги уситнил карпите, кои биле исфрлени со неверојатно голема брзина и формирале облак што кружел околу светот.

„Замислете облак од дожд, но наместо капки вода, од небото паѓаат капки стопена карпа“, вели проф. Драбон. Огромно цунами го зафатило светот, уништувајќи го морското дно и преплавувајќи ги бреговите. Цунамито во Индиски Океан во 2004 година беше слабо во споредба со ова, вели проф. Драбон.

Сета оваа енергија произвела огромни количества топлина, која ги зоврела океаните предизвикувајќи испарување и до десет метри вода. Ја зголемила и температурата на воздухот на 100 Целзиусови степени.

Небото поцрнело, станало задушено од прашина и честички. Без сончевата светлина пто продира низ темнината, едноставниот живот на копното или во плитката вода што зависел од фотосинтезата бил збришан.

Овој удар е сличен на она што геолозите го откриле за други големи удари на метеорити и на она што се сомневаше за С2. Но она што професорката Драбон и нејзините колеги го откриле потоа било изненадувачко. Карпестите докази покажале дека ударот ги развил хранливите материи како фосфор и железо со кои се хранеле едноставните организми.

„Животот не само што бил отпорен, туку всушност брзо се опоравил и напредувал. Тоа е како кога наутро миете заби. Тоа убива 99,9% од бактериите, но до вечерта сите се враќаат“, вели Драбон.

Новите наоди сугерираат дека големите удари биле како џиновски ѓубрива, кои ги испраќале состојките неопходни за живот како фосфорот низ целиот свет. Цунамито што ја зафатило планетата донело и вода богата со железо од длабочините на површината, давајќи им на микробите дополнителна енергија.

Овие наоди придонесуваат во сѐ почестото мислење меѓу научниците дека раниот живот всушност бил потпомогнат од ударите на метеорите на Земјата во нејзините рани години, вели професорката Драбон: „Изгледа дека животот по ударот всушност наишол на поповолни услови, кои му овозможиле да процвета“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ