сабота, 25 мај 2024

Официјален претставник на Хамас вели дека групата ќе го положи оружјето ако се спроведе решението за две држави

Членот на палестинскиот политички совет и функционер на Хамас Халил ал-Хаја изјави за Асошиејтед прес дека исламистичката милитантна група е подготвена да потпише петгодишно или подолго примирје со Израел и дека ќе го положи оружјето и ќе се претвори во политичка партија доколку се воспостави независна палестинска држава долж границите од пред 1967 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Идејата за разоружување на Хамас би претставувала значајна отстапка од страна на милитантната палестинска организација, чија официјална цел е уништување на Израел.

Говорејќи за АП во Истанбул, Ал-Хаја рече дека Хамас сака да ѝ се приклучи на Палестинската ослободителна организација, предводена од ривалски Фатах, за да формира обединета влада во Газа и на Западниот Брег. Тој рече дека Хамас ќе прифати „целосно суверена и независна палестинска држава на Западниот Брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“, долж границите на Израел од пред 1967 година.

Доколку тоа се случи, додаде тој, тоа крило на таа организација ќе биде распуштено. Со текот на годините, Хамас понекогаш го омекнуваше својот јавен став за можноста за палестинска држава заедно со соседен Израел. Но нејзината политичка програма сè уште официјално ја содржи целта – целосно уништување на Израел.

Сепак, тешко дека Израел воопшто би размислувал за такво сценарио. Тој вети дека ќе го уништи Хамас по октомвриските напади што ја почнаа војната, а сегашната израелска влада цврсто се противи на создавање палестинска држава на териториите што Израел ги зазеде во војната во 1967 година.

Палестинските власти се надеваат дека ќе воспостават независна држава на територијата на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа, кои Израел ги освои во војната во 1967 година. Додека меѓународната заедница го поддржува таквото решение со две држави, тврдокорната влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрла.

Израел сега се подготвува за офанзива на јужниот град Рафа, каде што побегнаа повеќе од милион Палестинци. САД и меѓународната заедница се противат на тие планови и предупредуваат на можна хуманитарна катастрофа.

Ал Хаја рече дека таквата офанзива нема да успее да го уништи Хамас. Тој рече дека контактите меѓу политичкото раководство надвор и военото раководство во Газа се „непопречени“ од војната и дека „одлуките и инструкциите се донесуваат во консултација“ меѓу двете групи.

Израелските и американските официјални лица го обвинија Хамас дека не е сериозен во разговорите, но Ал-Хаја го негираше тоа, велејќи дека Хамас направил отстапки за бројот на палестинските затвореници што сака да бидат ослободени во замена за преостанатите израелски заложници. Тој рече дека групата не знае точно колку заложници има во Газа и колкумина сѐ уште се живи.

Но тој рече дека Хамас нема да отстапи од своите барања за траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските трупи. Израел вели дека ќе продолжи со воените операции сѐ додека Хамас не биде дефинитивно поразен и дека потоа ќе одржува безбедносно присуство во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ