Седницата ја водеше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на советот, на која присуствуваа сите членови на советот, како и амбасадорите на земјите-членки на НАТО во земјата, на негова покана.
Претседателот на Владата, Мицкоски, ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.
„Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, согласно нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување на одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на Алијансата. Во оваа прилика упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме евроатлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката која ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО.”, истакна Мицкоски.
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на копретседавач со советот, со порака дека „наша цел е да се фокусираме на воспоставување на целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, подеднакво важни за земја и за Алијансата“.
Свое обраќање на седницата имаше и министерот за одбрана Владо Мисајловски,, исто така во својство на копретседавач со советот, кој информираше дека се дискутирало за тековните прашања од значење на одбраната и безбедноста на државата за кои се побарува сеопфатен пристап, усогласени ставови и координиран настап во НАТО-контекст.
Во оваа прилика членовите на советот, имаа можност да разменат мислења за актуелните безбедносни состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Вашингтон, како и за состојбите во Украина, нашите заложби за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.