понеделник, 9 декември 2024

Одложено рочиштето за Жан Митрев, наредното е закажано за 12 мај

Објавено на

часот

Сподели

Причина за повторното одложување на процесот е тоа што одбраната „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои се уште се во Апелацискиот суд. Судот претходно го прифати барањето на обвинителството за замрзнување на имотот на клиниката „Жан Митрев“, на која што одлука одбраната се жалеше пред Апелацискиот суд.

Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, побара од судот да се закажат повеќе следни рочишта со цел предметот да добие на динамика, додека одбраната на Жан Митрев побара доволен простор од најмалку два месеци за да се запознаат со списите на предметот, како и да се обезбедат соодветни услови за судење.

Оштетените граѓани кои протестираа пред судот, во изјава за медиумите порачаа дека тие секогаш ќе бидат тука, колку и да се одложува и „нема да се откажат од најмилите“.

„Оттука, сакам да му порачам на новиот министер за здравство: „Што е со комисиите што го направи неговиот претходник и каде се одговорите, што тие комисии направија?“ Денес овде со господинот Жан Митрев требаше да биде и бившиот министер Филипче. Значи истрагата треба да се прошири, тој не е единствениот виновник. Кој му дозволи да лекува ковид со доктори кои не можат да лекуваат со недозволена терапија“, изјава една од оштетените.

Тие бараат и одговори за тоа кој му дозволил да продолжи да работи со хемофилтрација, како сите отпусни писма се исти, и само со сменети иницијали на починатиот пациент.

Додека оштетените даваа изјава за медиумите, Жан Митрев со неговите бранители излезе од Судот и беше испратен до неговиот автомобил со извиците „правда“, „убиец“, „застани“ и „зошто бегаш“.

Во меѓувреме, во соопштение до медиумите од Клиника „Жан Митрев“ реагираа дека станува збор за организирана хајка со повик за линч за неосновано обвинение.

„Денешното рочиште и условите во кои се обвива покажува дека против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение. Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето чиј датум и време на одржување не беше јавно објавено, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината“, пишува во соопштението од Клиниката.

Во соопштението, исто така, се нагласува дека презумцијата на невиност како во секој случај, но посебно во случајот со д-р Жан Митрев и Клиниката, што извршува општо-корисна функција за граѓаните и грижа за нивното здравје, треба да биде сериозно и бескомпромисно почитувана.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ