среда, 11 декември 2024

Одиме во Белград! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Објавено на

часот

Сподели

На радоста ѝ немаше крај

Одиме во Белград, ечеше во салата „Чаир“ во Ниш, некаде пет минути пред крајот, кога одбраната веќе и кај гледачите внесе сигурност дека шансата не може да се испушти. На крилата на бучните и фантастични навивачи, надополнети со новата фанатична игра со исцрпеност, Македонија слави нови херои.

Неверојатното второ полувреме, во кое тимот функционираше како швајцарски часовник, особено во одбраната, на Македонија ќе ѝ донесе уште една недела ракометно уживање, а веќе е сигурно дека навивачката инвазија на Ниш ќе се дуплира во српската престолнина. Координирани, агресивни и борбени, ракометарите успеаја да им дозволат на Чесите да дадат само девет гола во вториот гол, наспроти нашите 15, па радоста не можеше да ни избега.

Ракометарите патуваат во Белград со еден бод, колку што ќе има и Шведска во новоформираната група, каде што Србија и Германија ќе ја почнат со по четири, Полска со два, а светскиот вицепрвак без бод. Со ова само продолжува успешната репрезентативна приказна на македонскиот спорт, започната со кошаркарите летоска на ЕП во Литванија.

Загрижувачки беше првиот дел, откако Македонија грешеше почетнички, но успеваше да го одржи резултатскиот егал со корпулентните Чеси. Првите 30 минути минаа и со наше водство, и со водство на противникот, сè до 20 минута, кога првпат Чешка се одлепи на два разлика 9-11, но Стевче Алушовски и Филип Миркуловски не дозволија мечот да отиде во погрешен правец. Во тој момент не му одеше на Кире ниту со ударите, ниту со проигрувањата. Но не се гледаше ниту противникот од кој најмногу стравувавме – Филип Јиха.

Миркуловски беше најдобар поединец на мечот

До 20. минута тој како да не постоеше. Ниту еден гол, наспроти двата на Лазаров. Сепак, по полувремето што не ветуваше, остана надежта дека во вториот дел со ладни глави и трпеливо ќе одиграме за победа. Тоа и се оствари. Сега Чесите беа брзоплети, немаа идеја…

Чешка седум минути не го виде голот на стартот на второто полувреме, кога Македонија ја направи првата опиплива предност од 15-12. Ќе се покаже дека токму тие три гола разлика ќе пресудат. Залуди останаа обидите на Чесите да се вратат, затоа што на секој нивен гол возвраќавме со погодок за да опстои разликата.

И така сè до 48. минута, кога најдобриот на теренот Филип Миркуловски погоди за 20-17, а следуваа две исклучувања за противникот. Можевме да одиграме и подобро во тие две минути со два играчи повеќе, но најважно беше што разликата се качи на четири гола. Примивме гол, Стевчо Алушовски промашуваше чисти зицери, но секоја грешка двојно повеќе ја исправаше одбраната.

Веќе на шест минути до крај на теренот изгледаше дека не може да им избега од рака визата за втората фаза на ракометарите. Одиме во Белград, почна да се скандира од трибините. Лазаров, Мојсоски, Ристовски, Миркуловски ја исполнија желбата. Игравме гол-за гол за таа разлика да остане.

Три минути пред крајот при 24-21, Лазаров и Вано Димовски погодија статива, но последниот обид на Чешка за неизвесна завршница веднаш пропадна. Чесите згрешија со престап, Миркуловски стави точка на неполни две минути до крајот, а младиот Дејан Манасков со два гола само дополнително ја подгреа вжештената атмосфера во салата за конечните 27-21.

Повторно вулканот во Чаир еруптираше и остави едно прашање, како ли ќе биде во белградска Арена?

Лазаров конечно одигра меч со над 50 отсто реализација. Заврши со 7 гола и 54 отсто реализација, но незадржлив беше Миркуловски, кој имаше стоотстотен ефект, пет гола во пет обиди. Четири гола даде Влатко Темелков, три Мојсоски, а голманот Борко Ристовски заврши со десет одбрани.

Чесите, пак, во првиот дел ги предводеше Павел Хорак со четири гола, но во вториот дел даде само еден, за вкупно пет, колку што имаше и Јиха со 45 отсто реализација. Врани и Јан Филип стигнаа до четири гола, а голманот Петер Штол собра седум одбрани, од кои пет зицери на Алушовски.

Од Ниш, Златко Крстевски

Неизбежна беше радоста со навивачите

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ