среда, 23 октомври 2024

Одговорните тврдат дека новата гасна централа значи енергетска стабилност

Стабилно снабдување со електрична енергија за цела Македонија, како и топлина за Скопје, е само една од придобивките на новата когенеративна централа што ќе се гради во земјава. Се работи за долгорочно решение што ќе донесе енергетска стабилност за сегашните, но особено за идните генерации. Моментно, 30% од вкупните потреби за струја земјава ги увезува. Најчесто, тоа значи и повисока цена за набавка, а потоа и поголеми сметки за граѓаните, велат експертите.

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа инвестиција, во новата индустриска зона „Енергија Скопје“, која што е под надлежност на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), ќе биде изградена високоефикасна постројка која што ќе може да задоволи до 17% од вкупните потреби на земјава, велат одговорните за овој проект од Владата.

Оваа стратешка инвестиција ќе се реализира според пристапот што изминативе години сè почесто се применува во Европската Унија, односно со јавно-приватно партнерство. Носител на проектот е глобалната компанија „Митилинеос“ којашто е основана и има седиште во Грција.

Новата когенеративна централа ќе произведува 1.150 гигавати електрична енергија годишно. Вкупната инвестиција ќе биде 290 милиони евра од кои што 50 милиони во рок од пет години ќе бидат поддршка обезбедена од македонската влада.

„Овој тип договори можеби кај нас се новина, но тие се пракса во Европската Унија. Во повеќе наврати Европската Комисија на земји членки има одобрено исплата на премии на производители на енергија од вакви централи над износот што го остваруваат на пазарот. Целта е да се обезбеди токму стабилност и независност во снабдувањето на економијата и на граѓаните со енергија. Во Германија за ваква програма државата обезбедила близу две милијарди евра. Навистина не гледам причина зошто и Македонија да не го следи тој пример“, вели Јован Деспотовски, прв човек на Дирекцијата за ТИРЗ.

„Митилинеос“ досега има изградено електрани со вкупен капацитет од 14.000 мегавати. Вкупниот промет на компанијата во 2023 е 5,5 милијарди евра, додека добивката пред оданочување изнесува една милијарда евра. Според договорот со македонската влада, тие имаат рок од 18 месеци за да ги обезбедат потребните дозволи, односно 36 месеци за да ја изградат постројката. Се очекува да биде вградена технологија од Сименс (Siemens) или од Џенерал Електрик (General Electric), а контролата ќе ја врши ТИРЗ.

„Токму преку партнерства со компании со долго меѓународно искуство можеме да ги оствариме нашите долгорочни цели. Меѓу најзначајните, а тоа е потенцирано и во стратегијата за развој на земјава во следните 20 години, е креирање силен енергетски сектор којшто се снабдува од различни извори и добавувачи. Новата когенеративна централа токму тоа го овозможува. Се работи за модерен, стабилен и одржлив капацитет што драстично ја намалува подложноста на шокови кои што би дошле однадвор. На тој начин се обезбедува и сигурност за граѓаните, кои енергијата и понатаму ќе ја добиваат по достапни цени“, вели Виктор Андонов, директор за развој и за инвестиции во ЕСМ.

Пред да се потпише договор за државна помош, земјава за него ќе побара став и од Енергетската заедница од Виена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ