Македонската заедница од Франција секоја година полага венец пред спомен-обележјето во Паркот на мирот во Колумел каде се овековечени/изгравирани имињата на 33 Македонци кои загинале на страната на француската армија во Првата светска војна.
По еден век Франција прва се одважи да ја исправи историската неправда за овие млади македонски војници и досега ова е прв и единствен чин од една учесничка страна во Првата светска војна да оддаде почит кон македонските учесници во таа војна.
Оваа година Македонците беа претставени од здружението „Илинден 1903“ и здружението „Заборавени Македонци“ кои заедно со претставници на локалната градска власт на општината Колумбел положија венци во сеќавање на младите Македонци кои ги дадоа животите за француската држава.
Иницијативата за подигнување на спомен-обележје беше покрената во 2017 година пресрет на одбележувањето на 100 години од крајот на Првата светска војна и учество зедоа општината Колумбел од Франција, општината Штајнхајм ам Албух од Германија, општините од кантонот Карнака од Република Нигер и општина Новаци од Македонија.
Спомен-обележјето со имињата на загинатите војници во виорот на Првата светска војна се наоѓа во Паркот на мирот во гратчето Колумбел во Нормандија и испишан е на француски, германски и македонски јазик, официјалните јазици на земјите учеснички во проектот. Проектот почива врз европските принципи и вредности и не ја велича само победничката страна (Франција) туку оддава почит кон сите жртви кои неволно биле инволвирани во воениот конфликт и затоа тука е вклучена и Германија како страна која ја изгубила војната.
Во Првата светска војна Македонците беа мобилизирани во различни завојувани војски на Македонскиот (Солунскиот) фронт и во битките на Кајмакчалан згаснаа голем број на млади македонски животи кои насилно беа мобилизирани во други војски, но досега за нив нема подигнато ниедно спомен-обележје што ќе потсетува на тие жртви.
Македонската заедница од Франција преку проектите на здружението „Заборавени Македонци“ ги охрабрува и поттикнува и другите учесници во Првата светска војна (пред сѐ Србија и Бугарија) да го следат примерот на Франција и да покажат храброст и направат напори на сличен начин да бидат овековечени имињата на сите Македонци кои насилно биле мобилизирани во нивните војски претворајќи го Македонскиот (Солунскиот) фронт во „кланица на македонската младост“ и најсуров приказ за бесмисленоста од воените конфликти кои го опустошија Балканскиот полуостров со последици кои се чувствуваат и ден-денес – повеќе од еден век од тие немили настани.
Еве го списокот на загинатите Македонци од општина Новаци чии имиња се изгравирани на споменикот во Коломбел во Франција: Павел Георгиев, с. Агларци, Стојан Димитров, с. Билјаник, Васил Колев, с. Брод, Васил Христов, с. Брод, Христо Петков, с. Будимирци, Марко Иванов Раклев, с. Градешница, Мирчо Стоиков, с. Градешница, Киро Христов, с. Грумази, Иван Петков, с. Маково, Иван Петков, с. Рапеш, Сокле Крстев, с. Мегленци, Богдан Мегленеца, с. Мегленци, Стојан Мегленеца, с. Мегленци, Мице Христов, с. Мегленци, Сребре Костов, с. Новаци, Гроздан Лозанов, с. Рапеш, Иван Петков, с. Маково, Иван Петков, с. Рапеш, Лазар Атанасов, с. Скочивир, Китан Митрев, с. Скочивир, Петар Толев, с. Сливица, Коле Никола, с. Брник, Тодорче Стојан Никола, с. Брник, Петко Стојан, с. Брник, Миле Коте, с. Градешница, Филип Трајче, с. Градешница, Павле Диме, с. Градешница, Цветан Крсте, с. Далбеговци, Митре Петков, с. Добровени, Петко Боше, с. Рапеш, Петко Лисковски, с. Добрушево, Стевче Новевски, Јован Битољ.
Георги Гоце Дуртаноски, здружение „Заборавени Македонци“