Почит на загинатите припадници на Армија им оддадоа делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, 1.пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, од општината Петровец и членовите на семејствата.
Во таа пригода, министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дена на местото на оваа голема трагедија оддаваме почит кон македонските херои заедно со членовите на нивните семејства, херои кои никогаш нема да бидат заборавени.
„Оддаваме почит на нашите загинати припадници на Армијата и на нивните семејства.
Да го зачуваме споменот и да не го заборавиме нивното херојско дело, за мирот и безбедноста. Во спомен на Тони Спасовски, Горан Ристовски, Бране Спасовски, Игор Ѓорески, Славчо Василев, Тони Давитковски, Јанко Шириќ, Александар Тасковски, Мики Ивановски, Александар Васиќ, Златко Вељаноски. Нека им е вечна слава!“, објави министерот Мисајловски на неговиот фејсбук профил.
Претходно во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на спомен обележјето пред командата на воздухопловниот ВИНГ со полагање свежо цвеќе беше оддадена почит од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ.
Почит кон единаесетте загинати македонски припадници ќе биде оддадена и во меморијалниот парк во кампот Бутмир, Сараево, во Босна и Херцеговина каде што нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Армиски хеликоптер Ми-17 на овој ден пред 17 години се урна во селото Блаце кај Катланово, на само 50-ина метри од последните куќи во селото.
Во услови на намалена видливост, поради маглата, хеликоптерот ја започнал постапката за слетување на аеродромот тогаш викан Александар Велики. На падот на армискиот хеликоптер му претходела експлозија.
Во несреќата немаше преживеани, а загинаа потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски.
Единаесетте мировници се враќаа од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.