Во судница беа дојдени дел од повиканите, а за дел за кој немало уредна достава, си заминале од државава или не живеат повеќе на иста адреса, изјавите ги читаше обвинителката Искра Хаџи Василева. На ова остро реагираше адвокатот Никола Додевска кој го застапува обвинетиот Жан Митрев. Бранителот рече дека останува на поднесените приговори во јуни и септември и дека ваквиот начин на читање на изјавите е незаконит и побара да се оспори имотно-правното побарување, кога тоа го нема и дека Обвинителството повторно прави обид за доведување на судот во заблуда.
Роднините на починатите пациенти бараа да им се вратат парите кои ги дале за лекување на своите најблиски, на кои додека биле болни од ковид им била направена хемофилтрација, а починале. Сумите кои ги бараат се движат од 3.000 до 15.000 евра.
Процесот е во фаза кога Обвинителството веќе заврши со излагањето на материјалните докази и сведочења на сведоците и во тек е изјаснување на оштетените дали остануваат на оштетните побарувања.
Предметот се однесува на измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, со цел противправно прибавување на имотна корист.
Предметот е оформен по допрен глас, откако се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.