„Во име на Артан Груби, како бранител ангажиран од неговото семејство, со оглед на големиот јавен интерес за овој случај, ве информирам за следното:
До денес не излеговме во јавност, бидејќи одбраната, а исто така и гонењето на осомничениот се води во судска постапка, а не преку медиуми.
Откако е отпочната оваа кривична постапка, ние како одбрана зедовме активно учество во сите дејствија кои се преземаат. По утврдување на она со кое досега судот располага и анализа на аргументите на јавното обвинителство, според нас нема основи на соменвање за сторено кривично дело предвидено со закон.Одбраната и сите аргументи ќе бидат изложени во рамки на законски предвидената постапка, сè со цел да биде убеден и судот и јавниот обвинител дека нема кривично дело во дејствијата за кои се обвинува Артан Груби.
Се надеваме дека сите учесници во оваа кривична постапка ќе останат имуни на очигледната политизација на процесот и ќе ја задржат непристрасноста и независноста, и одлуките ќе ги носат, како и ние, врз основа на јасни правни аргументи.
Со оглед дека судењата се јавни, медиумите и целокупната јавност ќе можат да го следат процесот и сами да донесат заклучок дали постојат докази за утврдување вина кај Артан Груби“, се вели во соопштението на адвокатот Владимир Доневски.
Поранешниот вицепремиер во македонската влада, Артан Груби е осомничен за проневери во Државната лотарија. Истрагата за проневерата во Државна лотарија опфаќа повеќе осомничени, а првоосомничен е поранешниот директор и близок соработник на Груби, Перпарим Бајрами. За двајцата се смета дека се пребегани во Косово.
Неколку дена пред започнување на полициската акција за проневерите во Државна лотарија, Артан Груби беше ставен на американската „црна листа“, поради индиции а попткуп и влијание во судски постапки.