Овој чин претставува израз на почит кон животот и делото на претседателот Глигоров, кој го посвети својот живот на визијата за мирна, стабилна и напредна Македонија.
Делегацијата се потсети на неговото мудро раководење во еден од најпредизвикувачките периоди од историјата на нашата држава, како и на неговата улога во обезбедувањето независност преку мирен пат.
Министерот Минчев нагласи дека делото на Киро Глигоров е трајно врежано во темелите на современата македонска држава и дека неговата визија продолжува да инспирира генерации.
„Киро Глигоров беше симбол на мудрост, достоинство и државничка одговорност. Неговата посветеност кон демократијата и суверенитетот останува светла точка во нашата историја“ – истакна Минчев.
Положувањето на цвеќе е дел од активностите со кои Владата ја одбележува важноста на личностите и нивниот придонес кон создавањето на современа и просперитетна Република Македонија.
Делегација на СДСМ, претставена од потпретседателката Каја Шукова, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и пратеникот Митко Трајчулески, исто така денеска положи свежо цвеќе и оддаде почит на вечното почивалиште на Киро Глигоров
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, оддаде почит на одбележувањето на годишнината од смртта на првиот претседател на државата, Киро Глигоров.
„Денеска се сеќаваме и оддаваме почит на првиот претседател, Киро Глигоров.
Неговите вредности и државничките одлуки оставија траен белег во нашето општество и претставуваат патоказ за идните политики за напредок и просперитет на државата“, истакна Филипче.
Првиот претседател на самостојна и независна Македонија, Киро Глигоров почина на денешен ден пред 13 години.
Роден е на 3 мај 1917 година во Штип и тој има активна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање.
По референдумот одржан на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава, Глигоров на 25 јануари 1991 година е избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија.
На 7 март му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада, а по донесувањето на Уставот, сите активности за меѓународното признавање на Македонија ги презел Глигоров.
На 3 октомври 1995 година, врз него беше извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се врати на својата претседателска должност.На 17 ноември 1999 година го завршува неговиот втор претседателски мандат на 82 годишна возраст. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во својот дом во Скопје. Добитник е на бројни меѓународни награди и признанија – ценет и вреднуван за својата работа од целиот свет.