Свечената академија ја отвори Сотир Лукровски, координаторот на овие здруженија. Тој во својот емотивен говор направи паралела помеѓу заветот на претците кои биле рамо до рамо во борбите со војводата и нашите идни генерации на кои треба да го предадеме Чакаларов за да се зачува од заборавот како пример за Македонец.
Македонија има уште многу Чакаларовци, рече Лукроски.
За ликот и делото на костурскиот војвода зборуваше Илија Василески, магистер по историски науки.
Пред присутните зборуваше и Ламбро поп Димитров, соселанец на Чакаларов (село Смрдеш). Димитров, кој инаку има 90 години, пренесе интересни настани од историјата на Егејска Македонија и делувањето на Чакаларов.
На настанот во присуство на професорот Никола Жежов беше промовирана и неговата најнова книга „Васил Чакаларов ВМРО и Македонија, спомени и документи“.
На настанот присуствуваа претставници на МПЦ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, историчари, општественици, претставници на здруженијата на Македонците од Албанија, Грција и Србија…