„Да ги расчистиме термините. Бегство, јас барем претходно што сум подразбирал, е префрлување преку ѕидини, жица, копање на тунел, овие 111 се луѓе на кои што им биле дадени погодности, биле на викенд, требале да се вратат до 19 часот вечерта во недела, не се вратени и тоа е веќе бегство. Не е класично бегство“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по отворањето на реновирнаото петто крило во Затворот Идризово.
Дополни дека пред две недели имале обид за бегство со буквално префрлување преку ограда, при што затвореникот бил фатен, соборен и вратен во затвор.
„Такви бегства се многу ретки во Македонија, но самиот термин бегство се користи и за оние кои што после погодностите кои што им се дадени, не се вратени на време, или, воопшто не се вратени. Морам да потенцирам дека овие бројки што се појавуваат сега, ете вчера имаме за затворот во Струмица, каде што има 23 бегства, меѓутоа не биле евидентирани, не биле кажани во јавност. Со доаѓање на новиот директор на првото пребројување, тој констатира дека толку луѓе недостасуваат, односно, од тие, 18 се во бегство од 2020 година, неколку од нив во 2024 година“, појасни Пандов.
Пандов информираше дека некои од избеганите затвореници се вратени, некои не.
На прашањето за бегството на Блерим Рамадани од куќниот притвор, Пандов одговори дека нема таква информација.
„Тоа во Министерството за внатрешни работи треба да видите. Кај нас е затворено или притворено лице. Тоа се луѓе или се осомничени и се сместени во притворски одделенија или имаат полноправна пресуда и се упатени на одлежувње на затворска казна. Таквите лица се под МВР“, рече тој.
Во врска со неговата вчерашна посета на затворот „Скопје“, директорот на Управата рече дека затворот во Шутка мора итно да се огради.
„Во затворот Скопје или Шутка како што го препознаваат, има делови каде што нема ограда, или е ниска оградата на метар – метар и половина. Едноставно, во тој затвор само човек кој што не сака да излезе нема да излезе од него. Ако некој има намера да избега од таму може да избега“, рече тој.