среда, 22 јануари 2025

Од врвот на Водно спасен човек со скршена нога (ФОТО+ВИДЕО)

На Горно Водно денеска е извршено спасување на едно лице кое се здоби со скршеница на нога, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму нагласуваат дека станувало збор за многу сложена операција во услови на ветер и мраз на осојните места, во услови кога и жичницата не може да работи, по што повреденото лице до Клиничкиот центар е пренесено со полициски хеликоптер.

Објавено на

часот

Сподели

„Успешно заврши спасувањето на повредено лице со скршеница на нога, во координирана интервенција на ЦУК, Итна медицинска помош, МВР, Црвен крст и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), при многу силен ветер и други отежнати услови за транспорт“, соопшти ЦУК.

Како што посочуваат, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) на пладне, во 11.56 часот е добиен повик за повредено лице со скршеница на нога во пределот на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст и веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК била покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице.

 

„ЦУК побара интервенција од спасувачката екипа на Црвениот крст, прво по можност со специјализирано возило за извлекување на повреденото лице. Истовремено, ЦУК, паралелно и координирано остваруваше комуникација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, со Итната медицинска помош, со МВР, а и со ЈП за жичницата“, соопштуваат оттаму.

Додаваат дека условите за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветер на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за какво било возило, особено на осоите во сенка. Биле контактирани и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК).

„Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километар до Милениумскиот крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење. Веќе ЦУК имал стапено во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата“, појаснуваат од ЦУК.

Паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело да се вклучи заради небезбедни услови за движење. Истовремено, ЦУК стапил во контакт и со Ургентниот центар на Државна болница во Скопје и побарал прифаќање на повреденото лице коешто со хеликоптер било пренесено и спуштено на хелиодромот на болницата.

„По добиена пријава од ЦУК со хеликоптер марка бел 412 од хеликоптерската единица за полициски намени при одделот за воздухопловни единици на МВР е пренесено повреденото лице  од врвот на Водно до Клиничкиот центар во Скопје, каде е предадено на медицински лица за укажување помош“,  соопшти МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ